Борачот Дејан Митров е прогласен за спортист на град Штип за 2023 година, на синоќешната свеченост организирана од Општина Штип.
„Минатата година имаше многу успеси, но и падови, со многу пот на душекот успеавме да постигнеме добри резултати. Оваа година ветувам пред сите вас дека ќе има уште поголеми успеси, бидејќи не очекуваат Олимписките игри во Париз во текот на 2024 година“ – истакна Митров.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов најави за престојнава година изградба на Спортскиот рекреативен центар „Џексон“, како и изградба на спортски сали во населбите Три Чешми и Караорман. Од буџетот на Општина Штип ќе се издвои финансиска поддршка за спортистите и клубовите од 18 милиони денари, а за првпат ќе има и стипендии за спортистите.
За најдобра спортистка на Штип, пак, беше прогласена ракометарката Марија Анчева, а признанија добија и Зоран Шоров, Ива Колева, Андреј Масаров како најдобри во младинските категории.
Признанија добија и спортските новинари Кирил Манев и Александар Ванев од регионалната Телевизија М Нет ТВ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА