Борец доби џек – пот на стартот, го победи очајниот Вардар во Скопје (ФОТО+ВИДЕО)

Борец за првпат во историјата го совлада Вардар (0-1), најтрофејниот македонски клуб, на нашпиот најголем стадион во Скопје, користејќи ја незавидната ситуација кај „црвено-црните“. Никола Радовиќ беше стрелец на победничкиот гол уште во втората минута од натпреварот. Доби длабинска топка од Фернандо, излезе сам пред Филип Илиќ и успеа да ја затресе мрежата на домаќинот по само седумдесетина секунди.

Борец имаше уште неколку убави шанси и за поубедлив триумф, Радовиќ пред истекот на првото полувреме имаше нова колосална шанса, а Никола Прелчец во вториот дел пропушти уште две убави можности.

Вардар најсериозно се закани во 56.минута кога Дарко Мицевски од слободен удар шутираше силно, под гредата, но Мустафа успеа да одбрани и да исфрли во корнер.

Беспарица, неизвесност, задоцнет почеток на подготовките и ростер со многу млади фудбалери, кој ниту од далеку не наликува на минатогодишниот, е реалноста со која сега се соочува тренерот на Вардар, Александар Васоски. Борец доби џек – пот, славеше против Вардар во Скопје и Горазд Михајлов сигурно мора да биде задоволен од стартот на новата сезона 2020/21.

Вардар остана без пари, без респектабилен тим, а не го доби ниту пехарот за шампион на Македонија во минатата сезона. Дали ова значи дека првата позиција во замрзнатото првенство не значи и официјална шампионска промоција?!

Се вчитува...