Борусија ја затвори вратата: Баерн мора да бара нов голман

Плановите на Баерн Минхен голманската криза во тимот да биде решена со ангажман на Јан Зомер паднаа во вода откако раководството на Борусија Менхенгладбах јасно стави до знаење дека нема да го продаде швајцарскиот репрезентативец во овој преоден рок.

Баварците преговараат за да го доведат Зомер како слободен играч на крајот од сезонава, а откако Нојер заработи тешка повреда директорот Салихамиџиќ почна преговори со Борусија, за трансферот да го комплетира на почетокот од 2023 година. Овие разговори, сепак, не вродија со плод.

„Нема да го пуштиме Јан Зомер да си замине во јануари. Свесни сме за интересот, но веќе го информиравме и раководството на Баерн за оваа наша одлука“, изјави директорот на Борусија Менхенгладбах, Роланд Виркус.

Баварците сега вниманието целосно ќе го насочат Алекс Нубел, кој е под договор со Баерн, но првиот дел од сезоната го мина на позајмица во Монако. „Кнезовите“ се подготвени да разговараат, но проблем претставува ставот на Нубел, кој е разочаран што долго време грееше клупа во Баерн и нема преголема желба да се врати на „Алијанц Арена“.

Се вчитува...