Баерн Минхен неколку години во низа го купуваше најдоброто од Борусија Дортмунд, голем дел од овие асови не се снајдоа најдобро на „Алијанц Арена“, па сега „тркалото се врти“ и дел од нив се враќаат назад во Дортмунд. Прв нога повлече Марио Геце, а по негови стапки е подготвен да тргне и Матс Хумелс, откако беше обелоденето дека двата клуба веќе имаат стартувано преговори за искусниот дефанзивец.
Борусија испратила понуда од 15 милиони евра, Баерн Минхен начелно е подготвен да ја прифати, но за комплетирање на трансферот „амин“ треба да даде тренерот на баварците, Нико Ковач. Сепак, во ситуација кога тој веќе договори двајца дефанзивци, Павар и Ернандез, за очекување е хрватскиот стратег да даде зелено светло, за Хумелс да се врати назад во Дортмунд. Самиот фудбалер се согласил и на намалување на платата, од 12 на 10 милиони евра по сезона, за повторно да го облече црно-жолтиот дрес.
Матс Хумелс настапуваше за Борусија во периодот од 2008 до 2016 година, наметнувајќи се како еден од лидерите на тимот на Јирген Клоп што стана шампион во 2011 и во 2012 година. Тој одигра 309 средби за „милионерите“, постигнувајќи и 25 погодоци, пред во 2016 година да се пресели во Баерн во трансфер вреден 35 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА