Брегалница донесе нов голгетер од Канада

Брегалница денеска ќе ја пречека екипата на Шкендија Арачиново во новата прволигашка рунда, а штипјани во меѓувреме официјализираа уште еден потпис со кој го засилуваат играчкиот кадар.

Станува збор за Натаниел Лоренцо, 21-годишен напаѓач од Канада кој има настапувано во унгарскиот шампионат. Лоренцо во изминатиот период се наоѓаше на проба во Брегалница и очигледно ги задоволи вкусовите на стручниот штаб, по што беше решено да се потпише договор со Канаѓанецот.

„Натаниел Лоренцо е нова опција во нападот на Брегалница! Од Канада ни пристигнува млад, перспективен  напаѓач, со брзина, енергија и голема желба за докажување. Веруваме дека неговата младост, талент и напаѓачки квалитети ќе донесат нов импулс и дополнителна опасност пред противничкиот гол. Лоренцо веќе извесен период тренира со клубот, а денес е неговата официјална промоција.

Лоренцо има само 21 годинa и подеднакво добро ги покрива сите напаѓачки позиции. Од својот матичен клуб Pro Stars Toronto FC, прави трансфер во Европа, поточно во подмладокот на Ѓер, од каде преминува во Татабања“, објави штипскиот прволигаш.

Се вчитува...