Брестовац суспендиран од ЕХФ, го пропушта дуелот со Чеховски медведи

Данило Брестовац нема да биде на клупата на Металург на следниот натпревар од Лигата на шампионите против Чеховски медведи. Македонскиот тренер доби еден меч суспензија од ЕХФ поради неспортско однесување за кое доби директен црвен картон на натпреварот со Силкеборг.

Според образложението од ЕХФ, Данило Брестовац бил директно дисквалификуван за време на натпреварот против Силкеборг поради агресивно вербално и невербално однесување кон делегатот на ЕХФ, откако доби две минути исклучување. Ракометниот суд го оценува ваквото однесување за неспортско и спротивно на ставот за почитување на сите учесници во натпреварот вкучително и официјалните претставници на ЕХФ во рамките на натпреварот. Поради тоа на Брестовац му е изречена суспензија и тој ќе го пропушти нареднот натпревар против Чеховски медведи.

Металург има право на жалба по одлуката во рок од седум дена, но тоа не ја менува казната.

„Металурзи“ денеска отпатуваа во Русија каде утре го играат дуелот со Чеховски медведи во рамките на 5.коло од групната фаза во ЛШ. Во отсуство на казнетиот Данило Брестовац, на клупата на Металург на овој меч ќе бидат неговите помошници Оливер Димитриоски и Петар Мисовски.

Металург се уште е без освоен бод во натпреварите од ЛШ по четирите порази во првите четири кола.

Еден натпревар суспензија од ЕХФ доби и ракометарот на Бешикташ, Рамазан Доне поради директниот црвен картон заработен на дуелот со Спортинг.

Се вчитува...