Бруталниот Пепе се враќа во Реал Мадрид

Поранешниот дефанзивец Пепе, познат по својата груба игра, се приклучува на тимот на Жозе Мурињо во Реал Мадрид како помошник тренер, според медиуми во Шпанија и Португалија. 43-годишниот Португалец ќе му помага на Специјалниот во неговиот втор мандат на Бернабеу, кој започнува сега по реизборот на Флорентино Перез за претседател. Пепе се пензионираше од фудбалот пред две години.

Пепе пристигна во Реал Мадрид од Порто и помеѓу 2007 и 2017 година беше еден од „војниците“ на Жозе Мурињо за време на епските сезони против историскиот тим на Барселона предводен на теренот од Лионел Меси.

Во својата кариера имаше и неколку скандали, особено поради неговата груба игра и неколку исклучувања. Најсериозниот инцидент се случи на натпреварот Реал Мадрид – Хетафе во сезоната 2008/09. На 21 април 2009 година, тој го згази противничкиот играч Хавиер Каскеро во шеснаесетникот, а во судирот што следеше откако беше досуден пеналот и црвениот картон, го удри и друг противнички играч Хуан Анхел Албин во лицето. Тој беше суспендиран десет натпревари.

Се вчитува...