Ултрас Сур, најрадикалната навивачка група на Реал Мадрид, побара јавно извинување од Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор и Ибрахима Конате, како и оставка од претседателот Флорентино Перез. Нивната реакција следеше по настаните пред натпреварот меѓу Елче и Реал Мадрид, кој мадридскиот клуб го доби со 3-2.
Тројцата фудбалери беа критикувани од дел од шпанската јавност поради нивната реакција непосредно пред натпреварот. Темата беше дрес во знак на поддршка на жителите на Сеута, кој играчите не сакаа да го носат, односно кон кој покажаа непочитување.
Ултрас Сур потоа издаде многу силно соопштение во кое ги повика Мбапе, Винисиус и Конате да се извинат јавно. Во исто време, ја префрлија одговорноста на претседателот на клубот, сметајќи дека Перез треба да си замине ако играчите не го испратат бараното извинување.
„Неприфатливо е играчите кои го носат нашиот грб и кои се платени со парите на членовите на клубот да си дозволат да покажат непочитување кон шпанските граѓани кои ги трпат последиците од инвазијата. Убедени сме дека секој навивач на Реал и секој Шпанец се срами од сликата што ја испратија овие тројца. Затоа бараме јавно извинување од нив или, во спротивно, оставка од Флорентино Перез, кој е одговорен за губењето на вредноста и достоинството на нашиот клуб“, изјавија од Ултрас Сур.
Иако групата сега функционира надвор од стадионот, нејзиното влијание во историјата на Реал Мадрид беше многу поголемо. Ултрас Сур беа основани во 1980 година и со децении беа сместени на јужната трибина на Сантијаго Бернабеу, од каде што ги следеа натпреварите на кралскиот клуб.
Со години, групата имаше посебен статус во клубот, меѓу другото, преку доделување на дел од годишните претплати. Во исто време, Ултрас Сур станаа познати по конфликтите со навивачите на други клубови, но и по инцидентите во кои имаше конфронтации со полицијата.
Нивното име беше поврзано и со отвореното истакнување на фашистички и неонацистички симболи. Беа снимени фашистички гестови, песни и транспаренти, додека членовите на групата негуваа пријателски односи со „Иридусиблс“ од Лацио и „Бед Гонс“ од Лион.
Поради сето ова, „Ултрас Сур“ со години беа предмет на сериозни критики, а односот со раководството на Реал Мадрид целосно се промени со текот на времето. Во 2013 година, Флорентино Перез одлучи да ги откаже нивните претплати и да ги отстрани од „Сантијаго Бернабеу“ како дел од кампањата против насилството.
Ова го започна отворениот конфликт меѓу Перез и оваа навивачка група. Неколку години подоцна, претседателот на Реал, исто така, зборуваше за притисоците што ги доживеал, тврдејќи дека членовите на „Ултрас Сур“ постојано пишувале графити на неговата куќа и на гробот на неговата сопруга.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
