БУКУРЕШКИ БЕЛЕШКИ (1): Кога ќе ве испрати олимписки шампион…, ќе ве дочека порој и невреме…, а на крај денот ќе се разубави со ЖИВОТ!

  • Од белешките на ЕКИПА од дебитантското учество на ЕВРО – прв ден…

Ден пред денот Д. На пат за Букурешт и ние, по 20 години постојано следење на националниот тим, да го почувствуваме собирот на најдобрите во Европа, а меѓу нив да е и наша Македонија. Се договорено, ама синоќа плановите ни ги „расипува“ олимпискиот шампион Шабан Трстена, големиот пријател на ЕКИПА и нашиот фоторепортер Роберт Спасовски.

„Не. Откажете се што имате претходно договорено, јас ќе ве носам на аеродром. Имам нешто и по пат да ви кажам да им пренесете на фудбалерите“ – категоричен е Шабан. А, шампион тешко се одбива. Па, ете го утрово зад воланското место на пат за скопскиот аеродром.

„Знаете што? Првпат во мојот живот носам некого на аеродром кој оди на голем спортски настан. Претходно цел живот само мене ме носеле и испраќале. Сакав сега јас вас… За да биде за к’смет. Да испратам среќа за фудбалерите таму за Букурешт“ – низ смеа ни го разубавува денот легендарниот Трстена, во еден здив раскажувајќи за своите освоени олимписки медали, посебно онаа златната од ЛОИ 1984 во Лос Анѓелес.

На крај на ја заборави и пораката за фудбалерите…

„Е, да. Верувајте овие големи спортски настани ретко кој може да ги доживее. Затоа треба најпрво да уживате сите вие кои сте таму. Кога ќе остарите вака како мене тоа ќе ви остане. А, на фудбалерите сакам да им порачам да бидат победници. Е како? Е па, како велат: Ќе излезат на терен тогаш кога е најтешко, и ќе победат! Толку“ – не испрати македонскиот златен олимпиец полн оптимизам.

А во Букурешт, пак, не пречека невреме кое на површина ги извади сите недостатоци во организацијата на Романците. Поплавен нефункционален акредитациски центар, тројно кружење околу стадион, успешно и неуспешно прескокнување водени барикади, збунети домаќини и поплавен терен кој ги „избрка“ македонските репрезентативци повторно да си тренираат во базата на стадионот на Стеауа. Што би рекле дел од колегите: „Ах бе. Европско првенство во Букурешт. Тоа ти е како ЕВРО нарачано од Али Експрес“.

Си замислуваме што би се случило истото тоа да беше во Македонија… Еден тежок „сеир“ по европските медиуми, налик на „Жозе Мурињо инстаграм-фотката од рамката за гол на ‘Тодор Проески’’“. Но, како и да е, ја преживеавме временската поплава, иако потоа буквално сите во Букурешт ги потопи случувањето во Копенхаген – борбата за живот на Кристијан Ериксен.

Во еден таков момент всушност гледате колку, на крајот на краиштата, ништо не е важно – освен ЖИВОТОТ.

Сепак, на задоволство на целиот свет, животот продолжи а со него и најважната споредна работа во светот. A, околу најважната споредна работа во светот, конечно и целото внимание кон македонските херои. Па, некако како заокружување на денот се се врти и низ приказната на селекторот Игор Ангеловски за тоа кои се зборовите кои пред шест години во Џенова го убедиле капитенот Горан Пандев да се врати во националниот тим: „Горан премногу си голем за да ја оставиш недовршена твојата фудбалска приказна!“

Па, некако, шест години потоа, сега кога размислувате што може да им порачате на оние кои не доведоа до тука, единствено ви доаѓа: „МОМЦИ, ПРЕМНОГУ СТЕ ДОБРИ ЗА ДА СЕ ЗАДОВОЛИТЕ САМО СО УЧЕСТВО НА ЕП!“

П.С.

Шабан Трстена на поздравувањето на скопскиот аеродром онака ни дофрли, веројатно сакајќи и малку да не утеши: „Не бидете тажни што ве испратив само јас за Букурешт. Мене во Лос Анѓелес во 1988 ме испратија само мојот брат и внуката…“

„А, кој те пречека?“ – го прашавме.

„Се вратив со златото и ме пречека цело Скопје и Македонија!“

Се вчитува...