Бурно е на Јадранот: Судиите во АБА бараат поголеми хонорари, лигата им распиша нов конкурс

Пред почетокот на новата сезона во регионалната кошаркарска АБА-лига, бура и големи несогласувања на релација судии – раководство на лигата.

Судиите бараа зголемување на хоронарите за натпреварите во новата сезона, но челниците на Лигата го одбија ова барање и објавија конкурс за судии кои ќе судат во стандардниот ценовник.

АБА-лигата во објавениот конкурс вели дека на него можат да се јават судии кои досега не суделе во лигата, како и судиите кои бараа зголемување на платите. Според пропозициите, судиите мора да имаат најмалку 25 годоини и пет сезони искуство од делење на правдата од највисок ранг во националните шампионати или на меѓународни натпреварувања, да го говорат англискиот јазик, да бидат во добра физичка подготвеност. Конкурсот ќе трае до 21 септември.

АБА-лигата ги објави и хоноратите за претстојната сезона кои ќе ги добиваат судиите. За натпревар од регуларниот дел од сезоната хонорарот ќе изнесува 630 евра наместо досегашните 562.50 евра. Натпреварите во плеј-ин ќе се плаќаат по 650 евра, четвртфиналните дуели 700, полуфиналето 1.100 евра, а делењето на правдата на финалето ќе им носи на судиите 1.500 евра по натпревар.

Барањата на судиите кои досега судеа во АБА-лигата се: 1.200 евра бруто за натпревари од регуларниот дел, 1.400 за плеј-ин турнирот, 1.600 евра за четвртиналето, 1.800 евра за полуфиналето и 2.000 евра за финалето.

 

 

 

Се вчитува...