Челси ги решава сите проблеми на Барса – понуда од 100 милиони евра за Де Јонг и за Обамејанг

Англискиот премиерлигаш Челси е на добар пат да доведе две засилувања од Барселона, откако „сините“ влегоа во завршна фаза од преговорите за ангажман на Френки де Јонг и на Пјер Емерик Обамејанг, кои во следните седум дена би требало и официјално да се преселат на „Стемфорд бриџ“. Со реализацијата на овие два трансфери би биле решени и проблемите на Барса, која би добила значителна сума како отштета, но и би ослободила место во буџетот за плати за да може да ги регистрира новите летни засилувања.

Сопственикот на Челси, Тод Бели, прави се што е во негова моќ за да ја исполни желбата на Томас Тухел, да го ангажира Де Јонг како играч што долги години ќе биде лидер на тимот, но и Обамејанг, профил на играч што Челси моментно го нема во своите редови. Тухел имаше успешна соработка со Обамејанг во Борусија Дортмунд и токму поради тоа бара токму Габонецот да биде новото решение за нападот по заминувањата на Лукаку и на Вернер.

Вкупната понуда ќе изнесува 100 милиони евра за овие двајца врвни фудбалери, но потешкиот дел од работата ќе биде да се убеди Де Јонг на заминување од „Камп Ноу“, ако се знае дека токму поради Холанѓанецот пропадна договорениот трансфер од Барса во Манчестер Јунајтед. Во Челси сепак се оптимисти дека разговорите со екс-фудбалерот на Ајакс овојпат би имале поинаков епилог бидејќи му нудат на Де Јонг настап во Лигата на Шампионите, нешто што не беше случај со Јунајтед.

Преговорите ќе бидат интензивирани во следните денови, се со цел доколку биде постигнат целосен договор, Де Јонг и Обамејанг веќе од понеделник да пристигнат во Лондон на лекарски прегледи и потпис со Челси.

Се вчитува...