Челси губи двајца фудбалери поради Европското првенство?

Лондонскиот клуб во зимскиот преоден рок најверојатно ќе остане без Кепа Аризабалага и Оливие Жиру кои во обид да се наметнат во своите репрезентации за престојното Европско првенство ќе бараат минути надвор од „Стемфорд Бриџ“.

Шпанецот Кепа пристигна во Челси како најскапиот голман на светот, но по почетничките грешки на голот на сините, тимот од Лондон беше приморен да го замени со Едуардо Менди. По доаѓањето во летниот преоден рок, Сенегалецот се наметна како прв чувар на мрежата по што избраниците на Френк Лампард се наоѓаат во одлична форма. 26-годишниот Кепа сега е во втор план, а доколку сака да добие шанса во редовите на „црвената фурија“ ќе мора да замине од Лондон.

Со истиот проблем се соочува и Оливие Жиру. Французинот се одлучи да го продолжи својот договор со Челси изминатото лето на уште една сезона, но и тој не е во плановите на Френк Лампард, кој преферира млади играчи и пред него на листата се Тимо Вернер и Тами Абрахам. 34-годишникот е стандарден во француската репрезентација, но отсуството од терените оваа сезона може да му го поремети првотимскиот статус.

Се вчитува...