Челси во офанзива по Герет Бејл, понуда од 100 милиони евра

Антонио Конте не само што не размислува за продажба на најдобрите фудбалери на Челси, туку и планира уште повеќе да ги засили редовите на лондонскиот клуб во претстојниот преоден рок. Амбициозноста на трофејниот тренер е добро позната, па затоа не е никакво изненадување што тој тргнал по ангажман на Герет Бејл, суперквалитетниот крилен фудбалер кој сигурно би бил огромно засилување за „сините“ во следните сезони.

Како што јавува шпанскиот весник „Дон Балон“, Челси веќе испратил и понуда во висина од 100 милиони евра за крилниот офанзивец, сума што Флорентино Перез барем засега не ја одбил. На првиот човек на Реал Мадрид му е јасно дека Велшанецот ја губи поддршката од фановите, особено откако домашниот миленик Иско почна да прикажува извонредни игри, па продажбата на Бејл сега е сериозна опција за претседателот на „кралскиот клуб“.

Шпанските медиуми најавуваат дека Перез го чека исходот од преговорите за нов договор со Иско, па доколку шпанскиот плејмејкер ја продолжи соработката (во спротивно ќе биде продаден во текот на летото), тогаш Бејл ќе стане достапен за трансфер. Можно е двата клуба да договорат и евентуална размена „Бејл за Азар“, со оглед на огромниот интерес на тренерот Зинедин Зидан за белгискиот крилен офанзивец на Челси. Ако Бејл стане достапен, тогаш може да се очекува и мегапонуда од Манчестер јунајтед, откако Мурињо и минатото лето се обиде, но не успеа да го доведе овој ас на „Олд трафорд“.

Се вчитува...