Четири бундеслигаши останаа без тренери

После завршувањето на сезоната во Бундеслигата, дури четири тима останаа со празни клупи. Борусија Менхенгладбах, Волфсбург, Хофенхајм и Аугсбург се решија да ги сменат тренерите, и на местото на досегашните да донесат нови.

Прв кој смени тренер беше тимот на Борусија Менхенгладбах. Тимот му се заблагодари на Ади Хитер кој на почетокот на минатата сезона дојде во овој тим од Ајнтрахт Франкфурт, но не ги исполни очекувањата. Волфсбург откако не успеа да избори Европа, му се заблагодари на соработката на Флоријан Кофелд. Кофелд дојде на чело на „волците“ на местото на Марк Ван Бомел, но откако тимот заврши на скромното 12. место на табелата, управата се реши да му се заблагодари.

Иако Аугзбург обезбеди директен опстанок во првенството, сепак, се реши да се раздели од тренерот Маркус Вајнцирл. И тој беше назначен за тренер на тимот лани, но само до крајот на оваа сезона. Претходно го водеше тимот четири години од 2012 до 2016 година.

Од вчера без тренер остана и Хофенхајм. Тимот кој долго време беше во игра и за Лигата на шампионите, сепак, на крајот заврши како деветопласиран и нема да игра Европа, па така му се заблагодари на услугите на Себастијан Хенес. Хенес беше на клупата на овој тим во последните две сезони.

Се вчитува...