Четири кошаркари од „екс-ју“ и еден охриѓанец – ова се десетте најдобри играчи на Евробаскетот 2022

Европа за три дена го очекува почетокот на Евробаскетот 2022 кој го зема вниманието на јавноста со оглед на НБА и евролигашките ѕвезди кои ќе ја бранат честа на своите репрезентации. На овогодинешното издание на најдоброто од стариот континент ќе настапат 36 кошаркари од НБА лигата и најголемите ѕвезди од Европа како Мициќ, Ларкин, Весели, Калатес…

Во изборот на десетте најдобри кошаркари кои ќе истрчаат на паркетот од четврток па натаму има четири репрезентативци од поранешните југословенски држави, а и еден охриѓанец.

Никола Јокиќ – Србија

Двократниот освојувач на МВП наградата на НБА лигата ќе биде најголемата ѕвезда на Евробаскетот. Центарот на Денвер беше главен играч на Србија во подготовките и квалификациите за Светското првенство, а со него на теренот на нашиот северен сосед му се препишува златниот медал.


Лука Дончиќ – Словенија

Бранителот на златото од Евробаскетот 2017 година повторно ќе настапи со најсилен состав на континенталниот собир. Главен адут на Словенците ќе биде неверојатниот Дончиќ, а со него Драгиќ и Тоби се очекува нов голем успех на поранешната југословенска држава.


Јанис Адетокумпо – Грција

„Грчкиот фрик“ е најзвучното име во грчката репрезентација. НБА шампионот од 2021 година ќе има тешка задача да го одведе својот тим до висок пласман, но покрај Јанис на теренот Грција има адут и на селекторското место во Итудис кој ќе биде многу значаен за успехот на јужниот сосед.


Руди Гобер – Франција

Франција секогаш е претендент за највисок пласман на еден собир на најдобрите репрезентации па така ќе биде и овој пат, а главен во рекетот ќе биде еден од најдобрите дефанзивци во НБА лигата, Руди Гобер.


Домантас Сабонис и Јонас Валенчиунас – Литванија

„Кулите близначки“ на Литванија со пребогато НБА искуство, Домантас Сабонис и Јонас Валенчиунас ќе бидат клучните играчи на една од најкошаркарските држави во Европа. Литванците не знаат за пораз во подготвителниот период и натпреварите од квалификациите за СП па ќе биде интересно да видиме до каде ќе стигне балтичката држава.


Чеди Осман – Турција

Охриѓанецот Чеди Осман ќе биде лидер на четата на Атаман на престојниот собир. Кошаркарот на Кливленд се очекува да ја предводи својата репрезентација до нов голем успех, а дали овој пат Турците ќе имаат доволно искуство за совладување на елиминациските пречки останува да видиме.


Лаури Марканен – Финска

Финска никогаш немала посилен состав за еден европски собир. Репрезентацијата која е една од првите кои осигура место на Светското првенство во своите редови за лидер го има седмиот пик на НБА драфтот 2017 година и сите услови за да биде изненадување на турнирот. Дали со Марканен скандинавската држава ќе го надмине успехот од 1967 година кога го освои шестото место останува да видиме.


Бојан Богдановиќ – Хрватска

Хрватската кошарка е далеку од нивото на кое се очекува да биде, но на Евробаскетот ќе го има еден од најзвучните состави. Предводена од искусниот Богдановиќ и со играчи како Хезонја, Шариќ и Зубац, „коцкестите“ се подготвени за изненадување.


Јусуф Нуркиќ – Босна и Херцеговина

Босна и Херцеговина повторно ќе биде дел од „европскиот крем“, а со центарот на Портланд, Јусуф Нуркиќ се очекува да приреди изненадување во групната фаза во која ќе се сретне со Франција, Литванија, Германија, Словенија и Унгарија. Поранешната југословенска држава веќе ја совлада моќната Франција во квалификациите за Светското првенство, а токму НБА ѕвездата беше најдобриот играч за својот тим.

Се вчитува...