Баерн не може да најде тренер: И Ралф Рангник ги откачи баварците

Некогаш беше исклучителна чест да се биде тренер на Баерн Минхен, па затоа сега делува неверојатно што баварците неколку месеци преговараат за наследник на Томас Тухел, но сите главни кандидати одбиваат да се преселат на „Алијанц Арена“.

Прв тоа го стори Чаби Алонсо кој реши да остане во Баер Леверкузен, потоа Јулијан Нагелсман потпиша нов договор како селектор на Германија, а последен на листата тренери кои го откачија Баерн Минхен е Ралф Рангник. Баварците десетина дена преговараа со Рангник, за кого се веруваше дека начелно ги прифатил понудените услови и се чекаше само официјализација на соработката.

Сепак, весникот „Билд“  во денешното издание прв објави дека Рангник решил да не се пресели во Минхен, туку и по ЕВРО 2024 ќе продолжи да ја извршува функцијата селектор на репрезентацијата на Австрија. Причините не се наведени, но Рангник за својата одлука веќе ги известил челниците на Баерн, кои не го кријат разочарувањето од ваквиот исход на преговорите.

Сега, Баерн ќе мора од почеток да преговара со кандидатите за нов тренер, а од првичната листа за наследници на Тухел останаа Роберто де Зерби и Ханси Флик.

Се вчитува...