„Чудо од дете“ – малиот Марко со инфаркт на колкот ќе го преплива Охридското езеро

Младиот 12-годишен Марко Пејчиноски е нова дефиниција за храброст и следење на сопствениот сон, откако ова момче реши на 28 август да го оствари својот сон – да го преплива Охридското езеро. Марко има здравствен проблем, инфаркт на коската на долните екстремитети, но тоа не го спречува да го реализира својот голем сон.

„Се започна во 2016 година во септември. Требаше да правам тогаш операција на тестиси, кога помина тоа почнаа проблеми со ногата, добив инфаркт на колкот. И оттогаш до ден денес не смеам многу да трчам, но тоа не ме спречува во намерата да  го препливам езерото. Кога им кажав не веруваа. Некои мислат дека ќе испливам, некои велат дека е тешко и нема да успеам, а јас 100% сум сигурен дека ќе го препливам Охридското Езеро“– вели храбриот Марко Пејчиноски во разговор за Ohridnews.

За големиот подвиг 12-годишниот Пејчиноски интензивно се подготвува речиси една година во затворен базен, а по завршувањето на училишните обврски секојдневно тренира во Охридското Езеро и отворениот градски базен. Во изминатите денови тој ги мина неопходните лекарски прегледи за подвигот кој следи. Во текот на пливањето тој ќе биде пратен од медицинска екипа и логистички тим на Црвениот крст. Предвидено е тој да стартува утрото на празникот Голема Богородица во 9 часот од Св. Наум, а доколку временските услови бидат поволни, се очекува должината од близу 30 километри до Охрид да ја преплива за околу 9 часа.

„Им порачувам на сите никогаш да не се откажуваат од ништо. Каков и проблем да имате да не се откажувате! – порачува Марко.

 

фото: www.ohridnews.com

Се вчитува...