Чудото на Лил: Двајцата најдобри продадени за 100 милиони евра, па титула пред дрим-тимот на ПСЖ

Лил оствари неверојатен успех стигнувајќи до титулата во француското првенство, оставајќи го зад себе дрим-тимот на ПСЖ, но и екипите на Лион и Монако, кои сериозно инвестираа во нови засилувања во пресрет на оваа сезона. Успехот на Лил е уште поголем ако се знае дека овој клуб минатото лето ги продаде двата најдобри фудбалери, заработувајќи 100 милиони евра.

Виктор Осимен беше најдобар стрелец на Лил претходната сезона, а челниците на клубот го искористија интересот на неколку клубови, достигнаа цена од 70 милиони евра и на крајот го продадоа во Наполи. Покрај најдобриот напаѓач, од тимот си замина и клучниот дефанзивец, Бразилецот Габриел, кој за 30 милиони евра се пресели во Арсенал. На местото на Осимен за 25 милиони евра од Гент беше доведен Давид, кој го постигна водечкиот гол во последното коло против Анже. Во одбраната за сума од 1,3 милиони евра беше ангажиран Свен Ботман од Б-тимот на Ајакс и веднаш се наметна како нов „командант“ на дефанзивната линија, со 37 настапи во текот на сезоната.

Нема сомнеж дека меѓу најзаслужните за успехот е Кристоф Галтие, 54-годишниот стручњак што успеа да состави извонреден склоп на младоста и искуството. За Галтие се интересира Лион, трофејниот стратег има на маса и понуда од Ница, па тешко е да се поверува дека тој ќе остане да го води Лил и во наредната сезона во Лигата на Шампионите.

Како и да е, управата покажа капацитет за составување на силен колектив и при напуштање на клучните фигури. Тешко е за верување дека Лил и догодина би се борел на титулата, но во секој случај радува позитивниот пример – дека некогаш и малите и сиромашните можат да добијат трка со гигантите.

Се вчитува...