Да трчаме заедно со децата и за децата со Даунов синдром!

Минатата година стотици луѓе ја дадоа својата поддршка за децата со Даунов Синдром. Оваа година традицијата продолжува по трет пат со тоа што хуманитарната трка за децата со Даунов синдром ќе се одржи во недела, 25. март 2018, со почеток во 11 часот во Градски парк во Скопје.

Трката е организирана од Мечувалечки клуб Ескрим под мотото „И ние го можеме истото како и сите!“. Со овој настан организаторот сака да ја подигне свеста за Даунов синдром поттикнувајќи ги останатите спортски клубови да ги отворат вратите за децата да се вклучат во спортот и да им се обезбеди еднаков пристап до него како и за сите деца. За нив спортувањето е од големо значење затоа што преку спортот ја развиваат моториката, координацијата, одржување на баланс и тонусот на мускулите. Сите овие работи се многу важни за нивниот понатамошен самостоен живот. Со спортувањето добиваат можност за социјализација и децата стекнуваат нови пријателства и се развиваат. Инклузијата дава исклучителни резултати во нивниот живот.

Трката ќе започне од Школка во Градски парк и секој кој е заинтересиран да го охрабри и поттикне успехот на децата со Даунов синдром може да се пријави на трката на https://www.smartrace.club/ или да ја посети и поддржи истата со своето присуство.

Собраните средства од самите пријави ќе се искористат за набавка на аудио опрема за Дневниот центар за лица со Даунов Синдром.

Се вчитува...