Дали е возможно: Конте освои скудето, но сега ќе си замине од Интер?!

Шампионската еуфорија во Интер би можела експресно да се стивне по најавите дека Антонио Конте е подготвен да си замине од овој клуб доколку упрвата не ги задоволи неговите барања. Конте е познат како темпераментен стратег, тој поради војна со управата си замина од Јувентус во периодот кога со „црно-белите“ доминираше на италијанската фудбалска сцена, а сега сериозно размислува истото да го стори со Интер.

Конте бил видно разочаран од ставовите на кинеските газди на клубот, кои на последниот состанок побарале играчите и стручниот штаб да се откажат од мал процент од платите. Причината е јасна – клубот се наоѓа во огромна финансиска криза, а газдите бараат солидарност од фудбалерите. Сепак, Конте смета дека тој и неговите играчи покажале и повеќе од солидарност, доминирајќи на теренот додека со месеци немаа земено плата. Ставот на стручниот штаб и на фудбалерите е јасен, а доколку семејството Жанг инсистира на барањето за намалување на платите, Конте е подготвен и да си замине.

Причина плус за вакво сценарио е фактот дека Интер летово ќе нема пари за мегатрансфери. Згора на тоа, на Конте му било кажано дека ќе мора да се откаже од еден од играчите кои земаат меѓу највисоките плати во клубот. Се очекува тоа да биде Кристијан Ериксен, но на стратегот на „нероаѕурите“ воопшто не му е мило што е принудуван да продаде играч со кого покажа огромно трпение за да го вклопи во својот систем.

Останува да се види како ќе се одвива ситуацијата во Интер во наредниот месец, но јасно е дека темпераментот на тренерот е таков тој да си замине веднаш штом почувствува неправда.

Се вчитува...