Дали Тиквеш може до „скалпот“ на Шкендија!?

Никој досега не успеал да ја сопре Шкендија во овие пет почетни кола во Првата македонска фудбалска лига. Дојде редот да се обиде Тиквеш да го стори тоа. По ремито со Вардар на свој терен со играч помалку, атмосферата и желбата за добар резултат е присутна и пред овој меч.

Од таборот на кавадарчани се надеваат дека дисциплинираната и борбена игра ќе им го донесе посакуваниот резултат од мечот со Шкендија.

Бесир Рамадани смета дека ако во тимот има иста енергија како против Вардар, тогаш може на крај да се извлече добар резултат и денеска против Шкендија на гостувањето во Скопје од 19 часот на стадионот на ФФМ во комплексот „Куќа на фудбалот“.

„Очекувам тежок натпревар, Шкендија е во одлична форма, има и одлични индивидуалци. За нас најважно е да бидеме компактни како екипа, да не им оставиме простор и да ги искористиме шансите кои ќе ни се пружат. Ако бидеме максимално дисциплинирани и борбени во текот на целиот меч, верувам дека можеме да им парираме и да стигнеме до позитивен резултат. Ремито со Вардар нѝ даде самодоверба, бидејќи покажавме дека можеме да се носиме и со квалитетни екипи. Ако ја повториме енергија и пристапот кој го имавме против Вардар, мислам дека можеме да дојдеме до добар резултат и да ја изненадиме Шкендија“, вели фудбалерот на Тиквеш, Бесир Рамадани.

Се вчитува...