Според шпанските медиуми, Барселона е пред реализација на еден од најголемите трансфери ова лето. Долго време се чинеше дека Родри е поблиску до Реал Мадрид, но спортскиот директор на Каталонците, Деко, со максимална дискреција успеа да ја сврти ситуацијата во своја полза и да го убеди шпанскиот репрезентативец да и даде предност на Барселона.
Особено е интересно што речиси ништо не протече во јавноста се додека преговорите не влегоа во завршната фаза. Додека во Шпанија се зборуваше за интересот на Реал, Деко зад сцената веќе одржуваше контакти со луѓе блиски до играчот од средниот ред на Манчестер сити. Клучниот момент се случи кон крајот на јули. Деко се враќаше од неколкудневен одмор во Хрватска и, наместо да отпатува директно во Англија, каде што Барселона се подготвуваше, прво се врати во Каталонија. Причината за неочекуваната промена на планот беше токму Родри.
Шпанскиот играч од средниот ред во тој период престојуваше во Каталонија поради свадба на Коста Брава, што беше искористено за тајна средба. Деко и Родри се сретнаа во приватна просторија на хотел со пет ѕвездички, подалеку од очите на јавноста, а разговорот траеше околу два и пол часа.
Деко детално му го претстави проектот на Барселона на Родри, како и неговата идна улога и важноста што би ја имал во тимот на Ханси Флик. Според шпанските медиуми, токму таа средба ја промени рамнотежата на силите во трката за неговиот потпис. Дотогаш, Реал Мадрид беше многу понапред во преговорите. Родри ја слушна понудата на Реал и преговараше со нив, но не даде конечна согласност. Барселона го искористи тој простор и практично ја презеде иницијативата од сенка.
Голема улога подоцна одигра и Флик. Тренерот на Барселона неколку пати директно разговараше со Родри и му објасни каква улога му наменил во тимот. Во исто време, Деко продолжи да одржува контакти со неговите претставници, а целата операција се одвиваше со најстрога дискреција.
Важна фигура од сенка беше Дани Кодина, член на стручниот штаб на Барселона, кој претходно работел во Манчестер сити и изградил однос на доверба со Родри. Наводно, токму тој помогнал во организирањето на тајната средба и во поврзувањето на двете страни. Деко го направи последниот голем чекор со заминувањето во Мадрид, каде што повторно им пренесе на претставниците на Родри дека Барселона е подготвена да стори се за овој играч од средниот ред да стане еден од носителите на новиот проект.
Одговорот пристигна во четвртокот околу 15 часот, проектот на Деко и Флик го убеди Родри. Сега останува Барселона да го финализира договорот со Манчестер Сити и да го официјализира трансферот.
Доколку се се одвива според планот, ова ќе биде голема победа за Деко на трансфер-пазарот. Додека Реал веруваше дека е во предност, спортскиот директор на Барселона водеше паралелни преговори речиси без никакви информации во јавноста и успеа да го насочи Родриго кон „Камп Ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
