ДАРКО ПАНЧЕВ – АНАЛИЗА: Клучен момент од мечот со Казахстан – Оваа репрезентација сите не обедини, култот кон неа треба да се поддржи и одржи!

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026

========================================

Македонската репрезентација зад себе остави уште еден квалификациски натпревар во низата без пораз, сега 14 по ред, што е апсолутен рекорд на сите времиња во македонската репрезентативна историја. Факт е дека сите очекувавме и посакувавме победа од таа средба, но останува фактот, дека по победата на Белгија на гостувањето против Велс, тоа апсолутно ништо генерално немаше да промени во нашата амбиција за првото место во групата и директен пласман на Светското првенство 2026. А, Македонија веќе, преку Лигата на нациите, има обезбедено мундијалски бараж! Сепак, јасно е и дека триумф во националниот дрес секогаш е повеќе од посакуван!

Го слушнав коментарот и на селекторот Благоја Милевски по натпреварот и може да кажеме навистина искрено и коректно. Сепак, тој е најповиканиот за оценка на натпреварот, затоа што тоа е човекот и кој ги донесе најголемите успеси на македонската репрезентација во историјата.

А, кога би се анализирал натпреварот со Казахстан во Скопје, лесно би се дошло до заклучок дека играчите и тоа како беа свесни за значењето на натпреварот, па согласно тоа, и нескриена беше максималната борба и фокус на теренот. Факт е дека го дадоа максимумот на теренот, ментално подготвени со отворена желба за победа, иако со старт на натпреварот далеку од посакуваното. Во почетните 30 минути, се до промената на формацијата, Казахстанците ја искористија несигурноста во нашата одбрана за притисок кој никој не го очекуваше. Иако, за волја на вистината, Казахстанците, без разлика на се, и не создадоа некои поизразени можности за погодок а постигнаа, безмалку, случаен погодок. Ние, пак, потоа ја контролиравме играта со неколку одлични можности и во првото полувреме, а далеку подобра игра и во вториот дел, но треба да се признае дека се истакна и нивниот голман. Мора да се истакне дека казахстанските фудбалери во Скопје допатуваа и на крилјата на една лесна победа против Лихтенштајн, со нов селектор и далеку поодморни од македонските фудбалери кои имаа исцрпувачки натпревар со Белгија. Мислам дека токму тој момент одлучи во некои нешта да не успееме да дојдеме до трите бода, заедно и со оној несреќен момент при примениот погодок и деконцентрацијата во нашата одбрана кои му овозможија на Казахстан без вистинска шанса да дојде до предност.

Во продолжението, нашите отворени напади беа крунисани со прекрасниот погодок на Енис Барди. Вистинско ремек дело. По начинот на кој појде кон топката беше однапред јасно дека тоа ќе заврши во противничката мрежа. Навистина е македонски фудбалски дијамант. На крајот остана и доволно време за целосен пресврт, но сепак се немаше сила и малку среќа за посакуваниот резултат. Во фудбалот ги има и овие моменти, и навистина не треба сега посебно разочарување, затоа што Македонија е на прагот, со реми во Велс, и да дојде до второто место во групата кое објективно пред стартот на квалификациите некој да го понудеше со задоволство ќе го прифатевме.

Но, сакам сега да обрнам внимание на еден посебен момент. Ден по натпреварот, при прошетка низ улиците на нашиот главен град ме застана еден познат наш физиотерапевт, млад човек, голем љубител на спортот. „Кажи Дарко, нели имаше убава публика на стадион? Нели убаво изгледаше нашиот Градски?“ – ми се обрати. Ете, тоа му оставило главен впечаток од натпреварот. Овој пат лица кои не ги познава, а е редовен на репрезентативните натпревари, убава младост, девојки и момчиња, друштва, различни националности, сериозни луѓе но и цели семејства. И, во право беше. Полн стадион, многу емоции кои не може да се опишат со зборови, и чувства кои силно удираат во градите како доказ колку спортот обединува. Факт е дека Градски, овој пат, се наполни не само да се даде поддршка за конкретниот натпревар, туку да се оддаде почит за резултатите на оваа генерација репрезентативци, и да се искаже лојалност и љубов. Токму како што треба. Тој ден Скопје и Македонија живееја за нив, тој ден и навивачите и токму сите љубители на фудбалот го направија натпреварот величествен. Важно, и тоа како важно е да се види тоа единство околу репрезентативниот состав и националниот дрес. Тоа даде голем белег на натпреварот, а како сериозна нова придобивка за фудбалот. Тој култ кон репрезентацијата, и тоа како, треба да се поддржи и одржи!

Сега, има време за добра подготовка за натпреварот со Велс следниот месец во Кардиф. Останува мојот непоколеблив оптимизам за освојување на второто место во групата, кое и пред стартот на квалификациите го најавив. А, потоа во баражот се е можно!

Се вчитува...