Дарко Панчев: Благоја Милевски е првиот вистински македонски селектор

Фудбалерот на 21. век на Македонија, Дарко Панчев не го крие задоволството од победата на националниот тим над Италија во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022.

Во своето видување за сето она што се случуваше синоќа на „Ренцо Барбера“ во Палермо, едно од најголемите имиња на македонскиот фудбал истакнува дека е направен огромен чекор кон европскиот крем поради фактот дека ова е најголемата победа во историјата на македонскиот фудбал ако се знае самото значење на натпреварот.

„Ова е навистина еден голем чекор напред во желбата на Македонија да биде со најдобрите во Европа. Сите знаеме каква беше важноста на овој натпревар, полуфинале од бараж, и затоа оваа победа има многу поголема тежина и од онаа над Германија затоа што тој беше меч од група во која фаворитите и може да си дозволат кикс. Но, синоќа играчите одиграа физички цврст фудбал и тоа беше најважно кога играте против еден европски шампион. Добро и среќата ги следи храбрите, па факт е дека имавме и среќа во одредени моменти но тоа е дел од фудбалот“ – вели Панчев, кој дополнува дека голема улога во триумфот има селекторот Милевски.

„Голема улога во оваа победа над Италија секако има селекторот Милевски. Да бидам искрен Македонија конечно има вистински селектор. За разлика од сите претходно селектори тој е првиот кој внесе офанзивен стил на игра на тимот, со огромни тактички промени од натпревар на натпревар, и со веќе изградба на препознатлив стил на игра на репрезентацијата. И ова не го зборувам само за последниот меч и победата над Италија, но и за сите претходни натпревари во квалификациите за Светското првенство. Се гледа дека тој го прави сето она што е насока во денешниот модерен европски фудбал. A се гледа дека е голем професионалец кој внесе и ред каков што е неопходен во репрезентацијата. За разлика од сите негови претходници кај кои беше главно дефанзивна ориентација и игра на случаен гол. Затоа мислам дека репрезентацијата е во добра насока“ – истакнува некогашната „Златна копачка“ на Европа.

Дарко Панчев верува дека националниот тим ќе одигра квалитетен натпревар и против Португалија.

„Нека одиграат водени од огромниот мотив, храбро, физички цврст и пожртвуван фудбал како и во Палермо, а за резултатот нека не се оптоваруваат. Кога ќе се даде последниот атом на терен ќе дојде и наградата“ – истакнува Панчев.

Се вчитува...