Еден од најискусните македонски кошаркари, Дарко Соколов, влегува во својата јубилејна 25. сезона на професионалната сцена. Искусниот 40-годишен бек новата натпреварувачка година ќе ја започне во дресот на Феникс, кој ќе биде вкупно 14. клуб во неговата богата и трофејна кариера.
Предводен од тренерот Денис Дервишевиќ, тимот на Феникс во новата сезона ќе се натпреварува во второто по ранг домашно натпреварување, Првата лига.
Соколов својот кошаркарски пат го започна во Балкан Стил, каде што дебитираше како 15-годишник во сезоната 2001/02. Најголемите успеси ги оствари со Еуроникел, каде двапати ја освои шампионската титула и националниот Куп, а со кавадаречкиот клуб триумфираше и во БИБЛ лигата, каде во сезоната 2010/11 беше прогласен за МВП. Во својата колекција има и двојна круна со МЗТ Скопје, Куп-трофеи со Работнички и Карпош Соколи, како и Суперкупот со Струмица. На домашната сцена настапуваше уште и за Вардар, Центар, Поло Трејд и АМАК СП, а забележа и две интернационални епизоди во КК Босна (БиХ) и украински Химик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
