Даскаловски: Напорната работа дава плод… МЗТ 2 е на вистински пат

Сликата на кошаркарска Македонија во 2020 година беше поправена со забележување на првиот триумф на МЗТ2 во сениорска конкуренција. Младите „штркчиња“ се дел од иднината на мак-баскетот, а нивната адаптација на прволигашка кошарка се врши според темелен план кој оди чекор по чекор. МЗТ2 се „калеше“ и претходната година, а целокупната добра работа ја донесе и првата радост оваа полусезона.

Тренерот Боро Даскаловски ја продолжи работата на својот претходник Крстевски, со таа разлика што во составот вклучи и странски кошаркари, нешто што не беше случај со вториот тим на МЗТ ланската сезона.

„Дефинитвно една многу специфична сезона, не од аспект само на коронавирусот туку и на адаптација на нашите млади играчи од јуниорска во сениорска кошарка, пред се пробивање на онаа психолошка бариера која ја има кај нас, а таа е комплетното дејствување и функционирање во целиот сениорски модул со подготовки за натпреварите, со скаутирање на противниците и тренирање два пати дневно. За целата оваа специфика треба време за они да можат да се адаптираат, функционираат и подоцна да даваат резултати. Во целиот овој процес имавме и три натпревари кои што ги игравме во една недела што не беше планот на самиот почеток на сезоната, а на сите одигравме неизвесно до крајот. Сепак тоа е што е мораме да се прилагодиме на овие ситуации, да продолжиме да тренираме, а кога тогаш добрата работа ќе вроди плод. Секој натпревар е ново искуство и тоа е многу драгоцено за овие момци“ – изјави Боро Даскаловски.

Избраниците на Боро Даскаловски одат чекор по чекор, но се чини дека овој проект на тимот од Аеродром полека, но сигурно на израз го дава квалиетот, кој ќе биде добредојден и на репрезентативно ниво. Потребно е да се поправат многу грешки, тоа се виде и на натпреварите, но она што радува е големиот број на „егал“ завршници, но и првите два бода кои произлегоа од нив.

„Психолошки многу ќе ни значи победата бидејќи со тоа увидоа овие момци дека можат да се носат со прволигашки екипи и квалитетни тимови како што е и Академија ФМП. Тие три порази на една топка нас не чинеа многу бидејќи го плативме тој данок на неискуство. Погледнете ја само статистиката на колку промашени слободни фрлања сме и се ќе ви биде јасно. Тоа е еден голем приказ за што станува збор, бидејќи истото беше и на дуелите против Црн Дрим каде имавме 17 промашени слободни фрлања, како и на дуелите против Еуро Никел и Куманово, каде едноставно не смееш да потфрлиш во тој сегмент, а притоа натпреварите ги загубивме на една топка. Но, морам да кажам ме радува фактот што напорната работа и квалитетите кои ги имаат овие момци доаѓа до израз. За кратко време дадовме и тројца репрезентативци, кои можеби двајца поради короната, меѓутоа за нив тоа е позитивен конктекст со тоа што се дел од А-репрезентацијата. Сето тоа е потврда за нивата добра работа но и тоа дека клубот е на вистински пат“ – додава тренерот на МЗТ2.

Пред младиот тим на Даскаловски е огромен предизвик, во една ваква средина и ваква сезона да го остварат она што ретко кој го очекува од нив, а тоа е изборување на место во „елитата“ и следната сезона, која како потсетување повторно ќе брои десет клуба. Сепак, победата над Академија ФМП воопшто не е наивна и најавува неизвеност до самиот крај.

„До крајот на сезоната ќе се бориме буквално до последната секунда на секој натпревар и против секој противник. Секој меч за нас е докажување и не правиме разлика меѓу противниците. Секој нов натпревар е искуство плус за овие момци и ние ќе дадеме се од себе за да оствариме опстанок. Ќе ни треба среќа за тоа, но јас верувам во моите момци. Целта на МЗТ2 е продуцирање на таленти, играчи кои во иднина ќе бидат дел од првиот тим на клубот, но тоа не го намалува ни кај мене ни кај нив тој „фајтерски“ момент, кој и сакам да го пренесам“ – заврши младиот стратег.

Првиот натпревар за „штркчињата“ оваа сезона е следниот викенд, кога МЗТ2 ќе си ги одмери силите со составот на Гостивар.

Се вчитува...