Даскаловски: Ова e приказна која долго трае… за МЗТ Скопје се гине!

Младиот состав на МЗТ Скопје испиша историја во „Јане Сандански“ откако славеше над Академија ФМП во десеттото коло од Првата лига, победа која за „штркчињата“ е прва меѓу најдобрите екипи во мак-баскетот.

Избранциите на Боро Даскаловски покажаа карактер, желба и мотивација за победа, која ќе им донесе елан во продолжението од сезоната. По натпреварот младиот стратег на МЗТ Скопје имаше само пофалби за своите кошаркари, меѓутоа и за раководството на клубот за добрата работа во изминатите две сезони.

„Овој тим се гради и надоградува уште од ланската година, иако беше променет во однос на оваа. Оваа победа е заслуга и на моите колеги од претходната сезона и управата која го продолжи овој проект. Главната работа во вакви проекти е тоа што за секој млад играч треба време и квалитетна работа за да може да дојде до израз, да го направи тој чекор од младинска до сениорска кошарака и да ја пробие психичката бариера. Тоа е главниот проблем кој го имавме во првите четири меча, покрај распоредот и проблемите со короната. Изминатиот период имавме проблем да се комплетираме на тренингот за да можеме да работиме, имавме проблеми и со момците кои се вратија од репрезентација, па со мал фонд на тренинзи се вративме на паркетот. Пресудно за овој натпревар беше она што го зборам од првиот ден кога сум со нив, а тоа е дека треба да играат со срце на секој натпревар и без оптеретување. За МЗТ Скопје се гине, ова е голем клуб и тие треба само да се наметнат за еден ден да бидат дел од првиот тим. Честитки од се срце, не само на играчите туку и на сите кои се дел од овој проект. Се надевам дека тука нема да застанеме“ – изјави Боро Даскаловски.

Се вчитува...