Дебакл во Словенија за крај на мундијалскиот сон

Предалеку е Македонија од елитата на европскиот и светскиот ракомет, се докажа тоа и на денешниот реванш дуел со Словенија на кој нашите ракометарки претрпеа убедлив пораз од 38-27. По оние „минус три“ во Скопје не само што не се случи чудо, туку Македонија претрпе катастрофален пораз, одигра почетнички во поголемиот дел од 60-те минути, демонстрирајќи немоќ во однос на ривалот кој не е дел од самиот „крем“ на Европа, но сепак делуваше како велесила за национален тим.

Цврстата одбрана на Словенките им создаваше многу проблеми на македонските ракометарки на стартот, па по само пет минути игра домашната селекција поведе со 4-1. За неполни 11 минути Словенија постигна дури девет гола (9-5), целосно диктирајќи го темпото во овој реванш. При реззултат 10-6 селекторот Симовски се реши за голманска смена, уфрлајќи ја Петковска на местото на Серафимова. Во ритам влезе и Ана Грос, а токму по двата гола во серија на десниот бек на Словенија, нашиот селектор се реши да побара тајмаут при негатива од 13-7. По водството на домаќинките од 16-9, Македонија постигна два гола во низа, по што словенечкиот селектор Брегар веднаш побара тајмаут.

Контролата над играта беше вратена, па на одмор се замина со резултат 20-14, по голот што го постигна Сара Ристовска пред самиот крај на полувремето. Наташа Антиќ застана на голот на Македонија и на самиот почеток имаше две успешни интервенции, по што Саздовска намали на 20-15. И тоа беше се од македонскиот состав, бидејќи Словенија и при проблеми со исклучуваќа веќе во 38. Минута стигна до првото двоцифрено водство (26-16). Остатокот од мечот беше само рутина во која словенечкиот состав и со подмладен тим лесно го контролираше резултатот, на крајот триумфирајќи со убедливи 39-27.

Мундијалот останува само сон за нашата женска ракометна репрезентација, која за место во елитата сепак ќе треба уште многу, многу да напредува.

Се вчитува...