Дебакли на Баерн Минхен и на Борусија Дортмунд

Баерн Минхен по прославата на шампионската титула претрпе уште еден, вкупно петти пораз во Бундес-лигата сезонава. Баварскиот гигант целосно потфрли на гостувањето против Мајнц, каде заслужено загуби со 3-1. Домаќините тргнаа фуриозно, ја погодија и гредата од голот на Улрих, пред да постигнат два брзи погодоци и преку Буркарт и Ниакате да поведат со 2-0. Левандовски пред крајот на полувремето намали на 2-1, но Мајнц даде уште еден гол во вториот дел, преку Бареиро со помош на Павар, за огромен триумф на оваа екипа.

Покрај Баерн, попладнево се посрамотија и фудбалерите на Борусија Дортмунд, кои загубија со 3-4 на домашен терен од Бохум. Дуелот во Дортмунд беше супердраматичен, гостите за десетина минути поведоа со 0-2, а Борусија израмни со два пенали на Халанд, откако ВАР утврди играње со рака на гостинските дефанзивци во нивниот шеснаесетник. Кога Халанд погоди за 3-2 во второто полувреме се чинеше дека Борусија ќе стигне до цел плен, но гостите собраа сили за нов пресврт и со два гола во завршницата триумфираа со конечни 3-4.

Интересно ќе биде во борбата за опстанок во последните две кола, откако Херта денеска прими гол во последната минута против Арминија, за конечни 1-1, по што берлинскиот клуб ќе мора да слави во следната рунда на домашен терен над Мајнц ако сака да го осигура опстанокот во елитата.

Резултати Германија:

Арминија – Херта 1-1, Борусија Д. – Бохум 3-4, Аугсбург – Келн 1-4, Штутгарт – Волфсбург 1-1, Мајнц – Баерн М. 3-1.

Се вчитува...