Дејан Митровски – Урко по гала-спектаклот ВАКО ПРО АФН 9 во Скопје: „Ќе се потрудам Македонија почесто да биде домаќин на вакви светски настани!“

Македонската спортска јавност изминатиов викенд беше сведок на врвен светски спортски настан, ВАКО ПРО АФН 9 во професионален кикбокс кој се одржа во организација на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија.

Првиот човек на КМФМ, Дејан Митровски – Урко, најзаслужниот за организација на еден ваков настан во Македонија, во освртот на се што се случуваше во СЦ „Јане Сандански“ не го крие задоволството од целокупната организација на спектаклот, потенцирајќи дека негова силна заложба ќе биде нашата земја што почесто да биде домаќин на вакви настани.

„Турнирот организациски помина одлично баш како големите светски турнири. Со тоа покажавме дека Македонија може и има капацитет и квалитетни борци и им овозможи на гледачите и на поддржувачите да уживаат во кик-боксот. Сите присутни на ВАКО ПРО АФН 9 настанот во СЦ Јане Сандански во Скопје беа воодушевени од целокупната организација и останаа до последната минута на овој трииполчасовен кикбокс спектакл. Секако сето тоа немаше да биде реализирано без помагачите и спонзорите на настанот до кој сакам да упатам огромна благодарност. Исто така благодарност на градоначалниците на Град Скопје, Данела Арсовска, на општина Аеродром Тимчо Муцунски, општина Гази Баба Бобан Стефковски и општина Бутел Дарко Костовски кој од секогаш ги помагале нашите клубови во своите општини а од кои се издвојуваат наши репрезентативци кои подоцна носеле резултати за нашата земја Македонија на меѓународните натпреварувања“ – вели Митровски во првиот осврт околу настанот, притоа дополнувајќи:

„Ќе се потрудам Македонија почесто да биде домаќин на вакви настани и нашата публика да дознае повеќе за нашиот спорт и нашите натпреварувачи“.

 

Анализирајќи ги настапите на македонските кикбоксери…

„Во врска со нашите натпреварувачи, сакам да истакнам дека секој поради своја причина не го покажа она што го знае најдобро. Мое мислење е дека причина за тоа беше кондицијата и тремата поради настап пред своја публика. Најголема трема имаа токму најуспешните и најискусните натпреварувачи како што се Викторија Варадинова, Димитар Ѓоргиев и Бобан Илиоски. Секој од нив има многупати настапувано на меѓународни борби и првенства како сениори, но на овој настан токму кај нас кондициски слабо се покажаа“ – вели Митровски и дополнува:

„Бобан во главната борба извојува победа над турскиот светски шампион Берк Дузенли. Пред почетокот на борбата Бобан имаше трема и беше возбуден пред се поради својата публика, роднините и пријателите кои беа дојдени да го бодрат. Го приметив дека од преголема желба да покаже добра борба, тој се укочи и не го покажа очекуваното – да ја заврши борбата со нокаут. И покрај желбите и оцекувањата, морам да напоменам дека во борба меѓу двајца искусни борци како во овој случај – двајца светски прваци, можноста за завршеток на борбата со нокаут е минимална, бидејќи двајцата борци се спремни, борбата им е тактичка и одмерена и голема улога игра надитрувањето и кондицијата. Професионалните мечеви се бодуваат на добиени рунди не во собирање на бодовите од сите рунди заедно. Викторија Варадинова беше кондициски послаба од противничката во овој меч, истото се случи и со нашиот трикратен светски и европски шампион Димитар Ѓоргиев, но и покрај тоа тој покажа голема храброст и пожртвуваност и го прифати овој меч иако не беше кондициски доволно подготвен. И покрај сите околности, Диме го одработи мечот лавовски до крај“.

Она што остана впечатливо од целиот настан секако е настапот на јуниорските натпреварувачи кои потврдија дека Македонија и тоа како има иднина во кикбоксот.

„Посебна пофалба сакам да упатам до нашите јуниорски натпреварувачи : Марија Димовска, Силвио Мировски, Нелсон Узеир и Максим Митровски кои прикажаа технички атрактивни борби за публиката, без нималку трема и не им дозволија на противниците било каква доминација над нив и сите извојуваа победа. Секоја чест и браво за подмладокот“ – истакнува Дејан Митровски – Урко.

 

Се вчитува...