Во фокусот на вниманието на шпанската спортска јавност денеска е Реал Мадрид, гигантот во кој се одржуваат претседателските избори кои ќе дадат одговор, дали Флорентино Перез ќе добие нов мандат за прв човек на клубот или на неговото место ќе пристигне Енрике Рикелме.
Перез веќе дваесетина години е на чело на Реал, освои се што можеше да се освои и во фудбалскиот и со кошаркарскиот клуб, но слабите две сезони без ниту еден освоен трофеј придонесоа притисокот врз самиот врв на клубот да се зголеми, па Флорентино самиот распиша избори во обид да го потврди својот легитимитет како „владетел“ со најголемиот клуб во светот.
Тој веќе го договори Жозе Мурињо за нов тренер, како и Конате и Дамфрис за засилувањата за одбраната, но за официјализацијата сепак ќе мора да се почека и да се види – дали Флорентино ќе излезе како победник од овие претседателски избори. Треба да се истакне и дека Перез во последните 20 години никогаш немаше директен ривал во кампањата, како што е во случајов Енрике Рикелме.
Рикелме е исклучително успешен бизнисмен со сосема поинаква визија од Перез. Тој тргна со моќни најави, Родри му е „сигурно засилување“ ако дојде на претседателската функција, потоа храбро ги најави и Халанд за нова „суперѕвезда“, но и Јирген Клоп за нов тренер, по што експресно стигнаа деманти на овие предизборни ветувања на претседателскиот кандидат.
Анкетите покажаа дека Флорентино Перез влегува како фаворит во изборите, но Рикелме не е без шанси во ова гласање во кое ќе учествуваат околу 70.000 членови на „кралскиот клуб“.
Изборните места се затвораат вечерва во 20 часот, а победникот се очекува да биде познат доцна во ноќта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
