Дервишевиќ: Целта за опстанок ја остваривме, но повеќе радува фактот дека извадивме млади играчи

Феникс 2010 дебитантската сезона во Првата кошаркарска лига ја продолжува во Суперлигата каде ќе го завземе местото на Академија ФМП кој не успеа да ја направи потребната трансформација во Акционерско друштво (А.Д.).

Новалијата кој оваа сезона беше вистинска сензација на првенството совладувајќи 10 од 11 тима, меѓу кои и Пелистер и МЗТ Скопје, беше на чекор до обезбедување место меѓу најдобрите шест екипи и во регуларниот дел, но пресуди една победа.

Со пласманот во Суперлигата дојде и потврда на зацртаната цел од претсезоната, опстанок во „елитата“ и следната година, па тренерот Денис Девишевиќ не го криеше задоволството од остварениот успех.

„И покрај тоа што со 12 победи веќе бевме опстанати, пласманот во Суперлигата ни го потврди прволигашкиот статус и следната сезона. Нормално е дека сме задоволни, ретко кој очекуваше дека ќе оствариме ваков успех, но дел од овие момци јас ги знам веќе подолго време, заедно растеме и се развиваме и знаев дека можат да одговорат на ваков начин“, вели за ЕКИПА, Денис Дервишевиќ кој продолжува:

„Клучно беше да веруваат и самите во себе. Ретко кој дава прволигашка шанса на играчи од по 18 години, и ретко кој верува во нив да можат да „решат“ натпревар. Мислам дека ја добија самодовербата со камбекот против Ангели, а истата дополнително се крена по победата над Гостивар. Тие натпревари многу значеа за вербата, дека можеме и против најголемите и тоа се одрази на останатите натпревари како оној против МЗТ, против ТФТ, Пелистер… Зад нас е успешен регуларен дел од сезоната, но ова е само дел од успехот кој треба да се оствари на долги стази. Има уште многу време, уште многу работа и труд пред нас“. 

Пласманот во Суперлигата носи и нови десет средби против водечките тимови кои првиот човек на Феникс 2010 ги гледа како шанса за напредок и воедно стекнување на искуство на младите кошаркари.

„Уште во претсезоната кажав дека во Првата лига ќе го задржиме принципот на работа со вадење на млади играчи од младинската школа и дека тие ќе бидат акцентот на тимот со тоа што ќе се трудиме да го извадиме максимумот од нив. Тоа се одрази со одлични настапи на младите Андреј Митревски, Амар Хот и Марин Петков од кои двајца добија и повик во А-репрезентацијата. Овие натпревари од Суперлигата ќе бидат од далеку поголемо значење за нив. Да играте квалитетни натпревари против АБА-лигаши и останатите сериозни екипи од „топ шест“ на тие години е многу значајно за нивниот развој. Се натпреварувате против играчи како браќата Стојановски, Кесар, Малешевиќ и ред други, притоа да го имате еден Бојан Трајковски за соиграч, таа шанса е непроценлива на тие години и тоа самото треба да биде мотив за нив. Да сакаат да се покажат и да докажат дека местото им е во „елитата“ на македонската кошарка. Со продажбата на Двејн Морган отворивме уште поголем простор за нив и сега само на нив останува да дадат максимум“, додава Дервишевиќ.

Суперлигашката програма Феникс 2010 ја започнува на домашен терен против Пелистер, лидерот на табелата кој првиот пораз на прволигашката сцена го забележа токму во СЦ „Јане Сандански“ против новалијата.

Се вчитува...