„Децата на Симиќ“ понижени од моќната Франција

Јуниорската репрезентација на Македонија тешко настрада на вториот меч од Европското првенство во Измир, откако селекторот Тони Симиќ и неговите избраници загубија од Франција со преубедливи 47-104. Јасно беше „триколорите“ се апсолутни фаворити за победата, но од генерацијата што играше добри натпревари во текот на подготовките се очекуваше достојно претставување на својата земја, нешто што денеска не се случи на теренот во Измир.

Дебаклот беше најавен уште во првата четвртина, кога нашите кошаркари изгледаа катастрофално во нападот. За 10 минути игра избраниците на Симиќ имаа девет загубени топки, голем дел од нив при самиот пренос на топката на сопствената половина, овозможувајќи им на Французите да доминираат на теренот и да постигнат дури 39 поени за една четвртина (15-39). Победникот беше решен за само десет минути игра, но Македонија не успеа да се разбуди ниту за момент, па барем да го поправи впечатокот на оваа средба.

Во вториот период нашите млади кошаркари постигнаа само шест поени, па на одмор заминаа со преубедлива негатива од 21-64. Француската доминација продолжи и во наредните десет минути, „триколорите“ ја добија третата четвртина со 8-25, за Македонија за утеха да ги добие последните десет минути (18-15), премалку за да се поправи целокупниот впечаток и поразот изразен со конечни „минус 57“.

Македонските јуниори утре ги очекува нов предизвик, дуел со селекцијата на Велика Британија, закажан за 12.45 часот.

Се вчитува...