„Децата на Симиќ“ со убедлив пораз елиминирани од Шпанија

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 18 години го доживеа и четвртиот пораз на Европското првенство во оваа старосна граница, по кој беа елиминирани во осминафиналето на турнирот во Турција од Шпанија со 73-45.

Избраниците на Тони Симиќ беа во егал со големиот фаворит Шпанија само во првите десет минути, по кои Шпанците имаат позитива од само пет поени (19-14). Шпанија уште во втората четвртина уфрли во поголема брзина и веќе на полувреме имаше двоцифрена предност (37-21).

Во третиот период разликата само се зголемуваше, а по триесет минути игра Шпанците стигнаа и до највисоките во тој момент дваесет и четири поени (58-34). До крајот „црвената-фурија“ само рутински го приведе мечот за конечни 73-45.

Теодор Симиќ беше единствен наш кошаркар со двоцифрен број на поени 11, додека Петкоски заврши со девет. Кај Шпанците најефикасен беше Изан Алманса со 15 поени.

Македонија сега ја очекува борба за позиција од 9. до 16. место и избегнување на последните три места кои водат во Б-дивизија.

Се вчитува...