„Децата“ на Вардар „изгореа“ во Белорусија

Вардар го претрпе и вториот пораз во рамките од СЕХА-лигата, овој дефинитивно убедливо најубедлив на „вардарци“ од постоењето на регионалното натпреварување откако бранителот на трофејот беше декласиран на гостувањето против Брест Мешков со 35-20. Клучна беше одлуката на управата во Скопје да ги остави речиси сите играчи од првиот тим заедно со тренерот, па така за Белорусија отпатуваа голем број на младинци без ниту еден од поважните ракометари на македонскиот првак, додека на клупата дебитираше Билјана Црвенковска, која нема по добро да го памети својот прв меч на чело на „вардарци“. И Брест Мешков исто така одмори дел од своите најдобри ракометари, но сепак во ростерот имаше доволно квалитет и искуство за да го декласира бранителот на пехарот.

СЕХА дефинитивно губи на „шарм“, па Брест Мешков беше тимот што досега на гостувањето даваше одмор на клучните играчи и на тренерот. Сепак, Вардар го стори тоа токму на најтешкото гостување против еден од главните ривали за трофејот, што на крајот придонесе убедливиот пораз да биде неизбежен.

Вардар изненади со добра игра на стартот, кога при резултат 1-3 разлутениот Маноло Каденас побара тајмаут. Следеше нов гол на Војводиќ за 1-4, но набрзо потоа белорускиот првак се врати во натпреварот и израмни. „Вардарци“ последен пат поведоа со голот на Поповски за 5-6, по што во следните седум минути Брест предводен од Разгор направи серија од 7-0 и ја најави својата убедлива победа (12-6). Црвенковска побара тајмаут, потоа следеа три брзи гола на Вардар, за Белорусите фуриозно да го завршат полувремето со предност од десет гола (19-9).

Второто полувреме почна во ист стил како и првиот дел, Вардар солидно парираше додека младите играчи имаа сила. „Црвено-црните“ намалија на осум гола разлика, откако дојдоа до 22-14 не реализираа два напади со играч повеќе, по што домашниот состав влезе во посакуваниот ритам и повторно ја зголеми предноста. Во финишот неколку одлични одбрани имаше младиот голман Кизиќ, но изморените „вардарци“ немаа енергија за да одиграат нешто во одбраната во последните минути, па Брест Мешков ја доби оваа средба со преубедливи 35-20.

Јања Војводиќ со пет гола беше најефикасен во таборот на Вардар, по четири постигнаа Поповски и Атанасовски, додека најефикасен кај Брест Мешков беше Симон Разгор со шест погодоци.

Вардар и Брест Мешков ќе се сретнат и претстојниот викенд во рамките од Лигата на шампионите, но македонскиот првак се очекува во Скопје да настапи со својот најсилен тим, дефинитивно и со силен мотив за одмазда за денешниот убедлив пораз.

Се вчитува...