Девојките ветија, па остварија: Македонија обезбеди бараж за пласман на СП!

Македонската женска ракометна репрезентација го обезбеди најмалку второто место во квалификациската група за заверка на местото во баражот за пласман на Светското првенство во Шпанија, откако на вториот натпревар од квалификациите славеше убедливо против Литванија со 31-21.

По вчерашната победа над Исланд од 24-17, избраничките на Симе Симовски со вториот триумф си го обезбедија баражот.

Убедлива игра против Литванките кои пружија нешто посилен отпор во првото полувреме, но не доволно за евентуалено изненадување. Македонија во 10. минута дојде до предност од 6-4, а по играта гол за гол во 20. минута имавме и предност од три гола, 11-8.

До крајот на полувремето се одржуваше предноста за конечни 15-12 на паузата.

Со убедлив старт на вториот дел од 4-1 веќе во 38. минута се дојде и до највисоката предност до тој момент на мечот од 19-13. Сето тоа понатака само рутински се одржуваше и со дополнително зголемување на предноста за конечни 31-21.

Најефикасни во македонскиот состав беа Ристовска со осум погодоци а Стојковска заврши со пет гола. Серафимова и Мицевска запишаа по осум одбрани на голот, а Мицевска мечот го заврши и со еден постигнат погодок.

Утре, повторно од 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“, Македонија ќе се соочи и со селекцијата на Грција.

Се вчитува...