Џејмс Харден испишува историја во НБА

Џејмс Харден со нова извонредна партија, овојпат на гостувањето против Филаделфија, испиша нови страници во историјата на НБА-лигата, станувајќи прв кошаркар што во иста сезона имал два трипл дабл меча со над 50 постигнати поени. Хјустон славеше во Филаделфија со 118-123, а Харден беше незапирлив со 51 поен, 13 скокови и 13 асистенции. Тој стигна до овие бројки за 40 минути игра, а интересно е што за осумте минути во кои не беше на паркетот „ракетите“ направија негатива од вкупно 18 поени.

Воедно, за Харден ова беше четврти натпревар сезонава во која стигна до трипл дабл со над 40 постигнати поени, со што го израмни рекордот на Оскар Робертсон.

Сан Антонио премногу лесно и убедливо загуби на гостувањето против Њу Орлеанс со 119-103. Кави Леонард и Тони Паркер се вратија во тимот по повредите, но и тоа беше недоволно за да се совладаат „пеликаните“, кои одиграа беспрекорно во нападот и заслужено стигнаа до триумф. Клучно беше извонредното второ полувреме во кое домаќините постигнаа дури 71 поен, надополнувајќи ја негативата од единаесет поени што ја имаа кон средината на третата четвртина.

Холидеј постигна 23 поени за победничката екипа, додека Антонио Дејвис го заврши мечот со 16 поени и 22 скокови, додека прв стрелец на Сан Антонио беше Леонард со 23 поени.

Шампионот Кливленд стигна до нов триумф, овојпат на домашен терен над Бруклин со 124-116, меч кој мина во знакот на Леброн Џејмс и неговите 31 поен и 11 асистенции.

Резултати НБА:

Торонто – Милвоки 102-86, Њујорк – Шаарлот 110-107, Кливленд – Бруклин 124-116, Бостон – Орландо 128-98, Индијана – Сакраменто 115-111 (по прод.), Атланта – Вашингтон 86-112, Чикаго – Мајами 88-100, Њу Орлеанс – Сан Антонио 119-103, Филаделфија – Хјустон 118-123, Портланд – Мемфис 112-109.

Се вчитува...