Димевски: Не ме чуди овој чин на обвинителката Раичевиќ, пред судот ќе се докажат сите шпекулации и инсинуации

Јавното обвинителство денеска отвори случај против челниците на Агенцијата за млади и спорт околу злоупотреба на средства што државата ги доделува во спортот преку ваучер-системот.

Истрагата трае веќе подолго време по извештаите на Државната комисија за спречување корупција, која тврдеше дека има докази за злоупотреба од страна на директорот Мојсовски и неговите блиски соработници, како и поранешниот директор на АМС, Дарко Каевски. Меѓу лицата кои се опфатени со обвинението е и актуелниот претседател на МОК, Даниел Димевски и поранешен државен советник за спорт.

Димевски, по информацијата за поднесениот обвинителен предлог се огласи до медиумите, истакнувајќи дека не го чуди овој чин покренат од страна на обвинителката Лидија Раичевиќ, притоа нагласувајќи дека ќе соработува со судот за да се дојде до вистинските заклучоци и при тоа да не се остави простор за понатамошни шпекулации и инсинуации.

СООПШТЕНИЕТО ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МОК ДО НАШАТА РЕДАКЦИЈА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

До средствата за јавно информирање

Почитувани,

Денеска сум информиран дека од страна на обвинителката Лидија Раичевиќ е поднесен обвинителен предлог против мене за наводно несовесно вршење на службата во својство на член на Централната комисија за ваучери во 2020 година.

За мене очекуван чин кој е круна на напорите на гореспоменатата обвинителка која истовремено отвори истрага и за одржаното Изборно Собрание на МОК како што и пројави посебен интерес за неколку останати спортови со посебен афинитет кон пливањето.

Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор за понатамошни шпекулации и инсинуации.

На крај, моето совесно или несовесно работење е константно на увид и оценка на спортските федерации, клубови и спортисти кои најдобро знаат колку мерката ваучер и јас лично сум им помогнал во секоја прилика без исклучок. Затоа веројатно и ја уживам нивната безрезервна поддршка сето ова време.

Воедно сакам да информирам дека од Советот на јавни обвинители побарав да биде оценето постапувањето на обвинителката со детално образложение за непримерниот и непрофесионален однос спротивен на кодексот на обвинителската функција.

Даниел Димевски

Се вчитува...