Столе Димитриевски не го криеше разочарувањето по поразот на Валенсија од Депортиво со 3:1 во „Риасор“. Македонскиот репрезентативец беше особено критичен за начинот на кој неговиот тим го започна натпреварот.
„Многу сме разочарани од резултатот, но и од првите 20 минути. Не бевме на нивото на клубот и на она што го претставуваме. Мора да се освестиме и да излеземе подобро на следните натпревари“, порача Димитриевски.
Голманот смета дека проблемот бил пред сè во пристапот и концентрацијата, бидејќи Валенсија уште од самиот почеток му дозволила на противникот да воспостави контрола.
„Не смееме да ги правиме грешките што ги правевме. Мора да бидеме поактивни и поживи од самиот старт. Првите 20 минути беа ужасни“, додаде македонскиот репрезентативец.
Димитриевски не сакаше да бара изговори во потенцијалните нови засилувања и порача дека актуелниот состав мора да преземе одговорност.
„Не сум јас тој што треба да зборува за трансфери. Ние сме тие што сме и мора да продолжиме напред. Сите играчи треба да направат чекор напред и да се борат повеќе“, истакна тој.
Валенсија по три одиграни кола во Ла Лига има само еден освоен бод, а во следното коло ја очекува уште потежок предизвик – дуел против Барселона на „Месталја“.
Димитриевски е свесен дека тимот мора веднаш да реагира.
„Ако сакаме да стигнеме таму каде што сакаме, мора да се освестиме“, заклучи голманот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
