Динамо Загреб: Нема никаков судир со Адеми, му нудиме нов договор!

По информациите на хрватските медиуми дека македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, денеска побарал заминување од Динамо Загреб, лут на раководството и на тренерот Анте Чачиќ, хрватскиот шампион преку соопштение демантираше дека постои судир со својот капитен информирајќи ја јавноста за денешната средба со Адеми.

„Нема никаков судир во никаков облик од било кој од челниците на Динамо, од претседателот, членот на управата Крешимир Антолиќ или тренерот Анте Чачиќ со Аријан Адеми. Капитенот беше денеска во клупските простории на средба со челниците и со спортскиот сектор за да ги изнесе информациите дека има интерес од одредени клубови од странство за негов трансфер. Раководството на клубот после тоа заедно со спортскиот директор и тренерот јасно го кажаа својот став за останување на Адеми во Динамо и даден му е предлог капитенот да потпише нов договор со клубот“ – објави Динамо на својата официјална страница.

Адеми е рекордер по број на европски настапи, повеќе од 100 за Динамо Загреб, втор по број на настапи за загрепскиот гигант и убедливо најтрофеен фудбалер во историјата на клубот со дури 22 трофеи. За неговите услуги оваа зима има сериозен интерес од шпанска Валенсија, како и од клуб од Саудиска Арабија со богата понуда, но од Динамо Загреб не сакаат да го ослободат до крајот на сезоната.

Се вчитува...