Договорено: Диоманде – најскап „крал“ во историјата

Јан Диоманде денеска се приклучи на тренинг-кампот на Лајпциг во Австрија, но престојот ќе трае кратко со оглед на најавите дека преговорите за негов трансфер во Реал Мадрид се веќе во завршена фаза. Шпанските медиуми најавуваат дека официјализација на овој мега-трансфер може да се очекува најдоцна до утре, со што Диоманде ќе стане најскап фудбалер во историјата на Реал.

„Кралевите“ на крајот ги прифатија клучните услови на кои инсистираше германскиот клуб од почетокот на преговорите – загарантирани 120 милиони евра.

Реал почна од 95 милиони, а по неколкуте одбиени понуди шпанскиот гигант на крајот се согласи на 120 милиони во старт, плус 12-20 милиони поврзани со неколку клаузули.

Со тоа, Диоманде ќе стане најскап фудбалер во историјата на Реал, уривајќи го рекордот од 117 милиони евра од мегатрансферот на Кристијано Роналдо, како и оние 100+ милиони загарантирани при доаѓањето на Еден Азар од Челси и на Џуд Белингем од Борусија Дортмунд.

Доаѓањето на Диоманде би можело да го забрза заминувањето на Винисиус од „Сантијаго Бернабеу“, со оглед на немањето напредок ниту во последната рунда преговори за продолжување на соработката со „кралевите“.

Се вчитува...