Договорено: Алаба четири години во Реал Мадрид

Давид Алаба ја донел конечната одлука за својата иднина – Реал Мадрид ќе биде нов клуб на австрискиот репрезентативец откако тој веќе ја прифатил понудата на „кралевите“ и летово како слободен играч ќе се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Весникот „Марка“, кој важи за исклучително близок до „кралскиот клуб“, објави дека се договорени сите детали, Алаба ја прифатил понудата за плата од 11 милиони евра и во следните денови тој и официјално ќе потпише преддоговор со најтрофејниот европски клуб.

Давид Алаба долго време преговараше за нов договор со Баерн Минхен, барајќи плата речиси иста како и најдобриот стрелец на тимот, Роберт Левандовски. Баварскиот гигант реши да не ги задоволи овие барања на Австриецот, дозволувајќи му тој како слободен играч на крајот од сезонава да си замине од „Алијанц Арена“. Интерес за овој фудбалер покажаа и ПСЖ, Челси, Ливерпул и Манчестер Сити, Барселона испадна од трката поради неизвесноста со претседателските избори, по што „кралевите“ ја победија конкуренцијата и го осигураа потписот на Алаба.

Се очекува Австриецот да биде нов „командант“ на одбраната на Реал, а овој трансфер според многумина значи и најава за заминувањето на Серхио Рамос од клубот. Договорот на ветеранот истекува на крајот од сезонава, „кралевите“ воопшто му немаат дадено понуда за продолжување на соработката, па Рамос (како и Алаба) има можност уште сега да преговара со заинтересираните клубови и да потпише преддоговор за наредната сезона.

Се вчитува...