Договорено: Хозелу потпишува за Реал Мадрид

Голгетерот Хозелу ќе биде првото засилување на Реал Мадрид за наредната сезона откако шпанскиот напаѓач веќе се договорил со „кралевите“ за преселбата на „Сантијаго Бернабеу“.

Тој имаше одлична сезона во Еспањол, но откако овој тим испадна од Ла Лига, Хозелу има клаузула во договорот што му овозможува да замине на позајмица во клуб што како отштета ќе ја плати неговата годишна плата на Еспањол. Оваа клаузула истекува на 10 јули, но Флорентино Перез не планира да чека туку ќе ја активира следната седмица, по официјалниот крај на сезоната во Ла Лига.

Овој трансфер ќе претставува камбек на 33-годишниот Хозелу во Реал Мадрид, тим за кој блескаше во младинскиот состав на „кралевите“, постигнувајќи повеќе погодоци од Алваро Мората кој беше негов партнер во нападот. Хозелу потоа настапуваше една година и за првиот тим, но настапи на само две средби под водство на Мурињо, со Алмерија во Ла Лига и со Понферадина во Копа дел реј, успевајќи да се запише меѓу стрелците и на двата натпревари.

Планот на Карло Анчелоти е овој фудбалер да биде резерва на Карим Бензема во новата сезона. Сепак, Бензема во меѓувреме доби богата понуда за преселба во Саудиска Арабија и би можел наскоро да си замине од Реал, одлука по која „кралевите“ би морале да доведат голгетер од светска класа на „Сантијаго Бернабеу“ во текот на летово.

Се вчитува...