Докази на 500 страни: Реал Мадрид бара одземање на титули на Барса и исфрлање од УЕФА натпреварите

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, најави тужба против Барселона пред УЕФА за случајот „Негреира“, во кој Барселона е обвинета за плаќање на судии помеѓу 2001 и 2018 година.

Истрагата откри дека помеѓу 2001 и 2018 година, Барселона платила околу 8,4 милиони евра на компании поврзани со поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судии, Хозе Негреира. Сепак, немаше докази дека овие плаќања довеле до бенефиции на теренот.

Во 2024 година, судот го отфрли обвинението за поткуп на јавен службеник, бидејќи беше утврдено дека Негреира нема статус на јавен службеник според шпанскиот закон. Сепак, истрагата за спортска корупција е сè уште во тек.

Барса ги призна исплатите, но тврди дека исплатите биле за анализи и извештаи за судиите, како и за подготвителни материјали за тренерскиот персонал.

Сепак, во Мадрид веруваат дека Каталонците измамиле. Перез подготвил 500 страници за тужбата пред Европската фудбалска федерација (УЕФА) и ќе бара сериозни казни за најголемиот ривал.

„Реал Мадрид бара од УЕФА да ѝ ги одземе титулите на Барселона поради случајот Негреира. Исто така, има барање да биде исклучена од европските натпреварувања. Досие со докази за неправилности подготвено од Флорентино Перез е на пат“, вели новинарот Хозе Феликс Дијаз.

Во периодот за кој Реал „подготвува докази“, каталонскиот клуб освои вкупно 33 трофеи, вклучувајќи четири трофеи од Лигата на шампионите и три Суперкупа на УЕФА.

Се вчитува...