Домашниот терен, чест, но и обврска – Македонија е подготвена за Европското првенство

Македонија е подготвена за почетокот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години, кое од 6 до 15 август ќе се одржува во Гевгелија и во Скопје. Најдобрите млади европски селекции ќе се борат за пласман во елитната конкуренција, а македонските кадети ќе имаат чест и привилегија да ја претставуваат својата земја пред домашната публика.

По повеќенеделните подготовки, селекторот Дејан Стојановски истакнува дека националниот тим е подготвен да одговори на предизвикот и дека во составот се избрани играчи кои пред сè функционираат како вистински колектив.

„Работевме интензивно во текот на целиот подготвителен период. Немавме многу контролни натпревари, но затоа одработивме голем број квалитетни тренинзи и скримиџ натпревари. Ги избравме 12. играчи кои се борат еден за друг и кои ќе дадат сè од себе достојно да ја претстават Македонија“, вели Стојановски.

Селекторот потенцира дека оваа генерација поседува не само квалитет, туку и карактер, што го смета за еден од најважните предуслови за понатамошен развој.

„Имаме 12 одлични карактери и 12 талентирани кошаркари кои имаат потенцијал да напредуваат многу во иднина. Најважно е да продолжат да работат посветено и дисциплинирано.“

Настапот на Европското првенство на домашен терен претставува дополнителен мотив за младите македонски кошаркари.

„Горди сме што играме во својата земја. Тоа е чест, но и голема одговорност. Ќе направиме сè што е во наша моќ да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло и да ја оправдаме довербата на сите што ќе бидат со нас.“

Европското првенство носи можност младите македонски кошаркари да се докажат против најсилните селекции од Дивизијата „Б“, но и уште еднаш да покажат дека македонската кошарка има генерации кои со посветена работа можат да бидат конкурентни на европската сцена.

СИСТЕМ ЗА НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Без некои промени, би се рекло стандарден, кога станува збор за овие натпреварувања.

Селекциите се поделени во четири групи (две со пет, и две со шест репрезентации) од кои првопласираните две од секоја група ќе обезбедат пласман во ТОП 8 фазата, односно онаа преку која ќе се бараат идните учесници на ЕП од Дивизијата „А“ во оваа возрасна категорија.

Во вториот дел кој почнува на 12. август, ќе се играат елиминациски натпревари според системот (А1-Б2, Д1-Ц2, Б1-А2, Ц1-Д2). Четирите победници во четвртфиналето, обезбедуваат пласман во полуфиналето, поразените ќе разигруваат за пласман од 5. до 8. место.

Националните тимови кои првата фаза ќе ја завршат на третото односно на четврттото место ќе играат за пласман од 9. до 16. место, додека пак оние кои ќе бидат петто односно шестто пласирани ќе разигруваат за позициите од 17 до 22.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Нашата машка кадетска репрезентација ќе го почне натпреварувањето на овој евро-шампионат на 6. август (четврток), од 18.30 часот, кога во спортската сала „26.април “ во Гевгелија, следува натпреварот против селекцијата на Кипар.

Наредниот ден, на 7.август, во истиот термин, од 18.30 часот, на истото место, Македонија ќе игра против селекцијата на Исланд, а 24.часа подоцна, нашите кадети ги чека средбата со селекцијата на Хрватска.

По еден ден пауза, на 10.август, повторно од 18.30 часот, за противник ја имаме репрезентацијата на Швајцарија, а групната фаза на првенството која Македонија ќе ја игра во Гевгелија, ќе ја затвориме со дуелот против соодветната селекција на Украина.

Во зависност од пласманот во групата „Б“, во наредната фаза ќе ги чекаме противниците за оној втор, елиминациски дел.

Инаку, натпреварите се играат во спортската сала „НБ Ноел“ и спортската сала 26.април“ во Гевгелија и во спортскиот центар „Т Арена“ во Скопје.

НАТПРЕВАРУВАЧКИ ГРУПИ

ГРУПА А: Словачка, Ирска, Португалија, Црна Гора, Холандија;

ГРУПА Б: МАКЕДОНИЈА, Украина, Швајцарија, Хрватска, Исланд, Кипар;

ГРУПА Ц: Шведска, Норвешка, Бугарија, Финска, БиХ, Луксембург;

ГРУПА Д: Данска, Австрија, Унгарија, Естонија, Велика Британија;

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

ГРУПА „Б“ – ГЕВГЕЛИЈА

6. АВГУСТ (ЧЕТВРТОК)

16.00: Швајцарија – Хрватскк

18.30: Кипар – МАКЕДОНИЈА

21.00: Исланд – Украина

*Натпреварите се играат во спортска сала „26.април“ – Гевгелија

7.АВГУСТ (ПЕТОК)

11.00: Хрватска – Кипар

13.30: Украина – Швајцарија

18.30: МАКЕДОНИЈА – Исланд

*Натпреварите се играат во спортска сала „26.април“ – Гевгелија

8.АВГУСТ (САБОТА)

11.00: Швајцарија – Исланд

18.30: Хрватска – МАКЕДОНИЈА

21.00: Кипар – Украина

*Натпреварите се играат во спортска сала „26.април“ – Гевгелија

9. АВГУСТ (НЕДЕЛА) – СЛОБОДЕН ДЕН
10.АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК)

13.30: Исланд – Кипар

16.00: Украина – Хрватска

18.30: МАКЕДОНИЈА – Швајцарија

*Натпреварите се играат во спортска сала „26.април“ – Гевгелија

11.АВГУСТ (ВТОРНИК)

11.00: Кипар – Швајцарија

16.00: Хрватска – Исланд

18.30: Украина – МАКЕДОНИЈА

*Натпреварите се играат во спортска сала „26.април“ – Гевгелија

МАКЕДОНИЈА „ПОД 16“ НА ЕП ДИВИЗИЈА „Б“ ВО ГЕВГЕЛИЈА И СКОПЈЕ

Александар Зунзуровски бек

Илија Коневски бек/крило

Александар Котевски крилен центар

Јосиф Џолев центар

Давид Ристов крило

Филип Ѓорѓиевски бек

Михаил Анѓеловски бек

Војдан Стаменковски бек

Дион Шабани крило

Игор Трајчев крило

Рон Јетиши крило

Хамза Драголовчанин центар

СЕЛЕКТОР: Дејан Стојановски

Се вчитува...