Дориев: Би ги менувал голот и асистенцијата за три бода против Шкупи

Љупче Дориев имаше извонредно деби во дресот на Шкендија, откако македонскиот репрезентативец со еден гол и една асистенција му помогна на својот тим да избегне пораз на гостувањето против Шкупи. Тетовци токму благодарение на Дориев успеаја да избегнат пораз по негативата од 2-0 во првото полувреме, но овој фудбалер жали што во вторите 45 минути не беше направен целосен резултатски пресврт.

„Без размислување би ги менувал голот и асистенцијата за трите бода против Шкупи. Ако се земе во предвид првото полувреме ремито не е лош резултат, но реално гледано бевме блиску до целосен пресврт и мислам дека заслуживме победа. Секако дека личниот ефект мотивира, ова ми беше прв меч во дресот на Шкендија и очекувам во иднина да играме уште подобро“, истакна Дориев.

Тој се осврна и на ждрепката за квалификациите за Лигата на Европа, каде тетовци за противник го добија тимот на Сумгај од Азербејџан.

„Во европските натпреварувања нема лесни ривали, Сумгај сигурно не е наивна екипа. Не се сомневам дека поседуваат добар квалитет, годинава се игра само еден меч во Европа и ние ќе бидеме гости, но верувам дека можеме да одиграме добар натпревар и да се пласираме во следната рунда“, порача Дориев.

Се вчитува...