Довчерашниот „вардарец“, Дамир Којашевиќ е најзаслужниот за новата победа на Војводина со која тимот од Нови Сад се доближи на само три бода од водечката Црвена Звезда во шампионатот на Србија.
Во 12-от натпревар сезонава, Војводина славеше со 2-0 против Младост Лучани благодарение на головите на Којашевиќ во 82. и во 90. минута.
Којашевиќ неочекувано беше ослободен од обврските од Вардар откако македонскиот шампион го мина Фенербахче и обезбеди место во Лигата на Европа. Од раководството на клубот, со ослободувањето на Којашевиќ „ослободуваа“ позиција и за планираниот напаѓач Максим Максимов кој сепак не го обезбедија за настап поради жалбата од страна на литванскиот Тракаи до ФИФА.
Синоќа, стратегот на Вардар, Чедомир Јаневски по поразот од норвешки Розенборг потенцираше дека на неговиот тим му се неопходни повеќе опции во нападот, поради скратениот избор на фудбалери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА