Драган Томовски: Вардар ќе има вкупно 330.000 евра за одвивање на редовните активности до крај на сезоната

Вардар, се чини како никогаш досега во последната декада, во моментов е пред вистинска раскрсница. Финансискиот колапс на клубот и неопходноста од брзо решение, ги активираа навивачите но и поранешни функционери и легенди на клубот во обидите за спас на најтрофејниот македонски клуб.

Поранешниот генерален менаџер на Вардар од времето на неговите шампионски години (четири шампионски титули и четири трофеи во Купот) во независна Македонија, Драган Томовски, реализатор и организатор на единствени две прекуокеански турнеи на македонски клуб во Јужна Америка и Австралија, кој беше и првиот македонски фудбалски работник на висока позиција во европски клуб како советник на бордот на директори на холандски Херенвен, е личноста која, токму поради компетентноста и своето професионално минато, и тоа како тесно поврзани со ФК Вардар, е директно вклучена во обидите за изнаоѓање решение за спас на најтрофејниот македонски клуб. И „Комитите“ претходно искажаа отворена доверба во Томовски, беше дел од клучните состаноци со надлежните институции, па по сето тоа сега одлучувајќи и отворено да проговори за вистинската слика на црвено-црните во моментов.

САМСОНЕНКО МОРА ДА ГО ВРАТИ ФК ВАРДАР НА ГРАД СКОПЈЕ ТАКА КАКО ШТО Е ЗЕМЕН – БЕЗ ДОЛГОВИ

„Сите искрени љубители на фудбалот, симпатизерите на Вардар и можеби најмногу навивачката група Комити, веќе неколку години се загрижени поради случувањата во клубот. Наспроти спортските резултати, кои се повеќе од задоволувачки во однос на условите во кои се работи, клубот го ‘тресе’ финансиска криза, блокади, но и неизвесност околу неговиот опстанок и иднина. Фактичката состојба во Вардар е дека единствен сопственик е Сергеј Самсоненко, што повлекува и заслуги за успесите, но и одговорност за состојбите. Самсоненко со договор за купопродажба на акции стана сопственик на 100% од акциите. Како во овој договор постојат и други клаузули една од основните е дека градот може, но не мора да го врати клубот доколку неговиот сопственик не ги исполнува обврските. А, и да сака да го врати, ФК Вардар мора да се врати така како што е купен – без останати обврски“ – вели Томовски во разговорот за ЕКИПА, веднаш дополнувајќи:

„Но, во моментов клубот должи, според извори од клубот, нето околу 2,4 милиона евра. Иако, тоа е и непотврдено од било каква контрола или ревизија. Од клубот заминаа најдобрите играчи, сметката е блокирана, неизвесен е почетокот на подготовките. Сето тоа носи длабока неизвеност околу иднината. На влошувањето на состојбите во клубот предупредив пред две години кога беше јасно дека сопственикот веќе не е ‘мотивиран’ да го одржува клубот. Истите се влошуваа од месец на месец за да врвот на кризата настапи по завршувањето на есенскиот дел и егзодусот на тренери и играчи од Вардар. Во таква ситуација заедно со ‘Комитите’ почнавме активност да се обезбеди одредена состојба која ќе овозможи наплата на на ваучерот од 2019 година во вредност од 170.000 евра. Сите повикани институции, како и Дарко Панчев го завршија делот кој се бараше, но клубот не го заврши својот дел па се испушти голема шанса состојбите барем во мал дел се подобрат“.

Сепак, последните работни состаноци со Град Скопје и АДССДП отворија надеж дека ќе успее да се склопи финансиска конструкција за да се заврши сезоната?

„По Нова Година, без оглед на се, заедно со навивачите ‘чукнавме’ на сите врати за кои мислевме дека можат да помогнат во ситуацијата. По последниот состанок со градоначалникот на Скопје обезбедена е ситуација во која во наредниот период од најмногу еден месец Вардар ќе може да смета на вкупен износ од околу 330.000 евра што вклучува и отпис на долг од 60.000 евра. Овој износ е предвиден и доволен да му овозможи на клубот одвивање на редовните активности до крај на шампионатот, а за некои клубови во лигата ова е и годишен буџет. Ова посебно и поради јавно изнесеното ветување од клубот дека Самсоненко ќе ги плати сите долгови направени до 31. јануари. Но, ова истовремено, треба да е само привремено решение и купување време за трајно решение за ФК Вардар“ – истакнува Томовски.

KAKO КЛУБОТ E ДОВЕДЕН ВО ВАКВА СОСТОЈБА МИ Е МНОГУ ЈАСНО, НО СЕГА НЕ Е МОМЕНТ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Се чини, ФК Вардар со повеќегодишното владеење од страна на раководството на Сергеј Самсоненко доживеа и многу поголема штета од само онаа финансиската…

„Како клубот е доведен во ваква состојба, кои се штети му се направени освен долгот, па дури и зошто, мене ми е потполно јасно. Но отворање на ова прашање во овој момент може да биде контрапродуктивно. Акцентот на сите нас на кои клубот ни значи, сметајќи ги тука и актуелните клупски структури, мора да биде ангажирање на сите можни сили и ресурси, клубот да ја надмине постоечката состојба. Голем предизвик за тоа е и констатацијата, која во тек на сите активности, во изминатиов период ја имаме, за тоа колку нашиот клуб е сакан и почитуван. Владата, Град Скопје, АДССДП, Општина Гази Баба и УЈП помагаат во рамки на своите надлежности и законската регулатива, во правец на изнаоѓање на времени и трајни решенија за ФК Вардар. Голем пример како активност, повторно даваат и Комитите, иако мора да признаам дека некогаш и не се согласувам со однесувањето на дел од нив. Но, со нивната акција која отпочнува со мото ‘Купи карта за спас на Вардар’ навистина демонстрираат што значи еден навивач за својот клуб. На јавноста и е помалку познато дека тие учествувале и учествуваат во многу хуманитарни активности (финансиска помош на болни, поделба на пакетчиња, давање на крв итн). Стотиците илјади подржувачи евидентирани на социјалните мрежи се голема база за меѓусебно поврзување и искористување на тој момент во маркетиншки цели“.

Кој е основниот приоритет во прв момент? За следнава недела се најавува исплата на дел од заостанетите долгови кон актуелните фудбалери, како и почеток на подготовките.

„Клубот мора да најде начин да го доведе тимот во состојба да не стравува за опстанок во лигата, а по можност борба за излез во Европа. Тоа значи задржување на овој фонд на играчи (17 во главно млади фудбалери) како и засилување на истиот со најмалку пет квалитетни играчи. Обезбедување на квалификуван и квалитетен стручен штаб, рационално користење на финансиските средства и секако обезбедување лиценца на УЕФА за домашните и европските натпреварувања“.

ВАРДАР МОРА ДА БИДЕ ВОДЕЧКИ КЛУБ НА ОВИЕ ПРОСТОРИ ОД АСПЕКТ НА КВАЛИТЕТ И ОРГАНИЗИРАНОСТ

Веќе следат најавите за влез и на инвеститори од Катар. Но, се до тогаш, овој период мора да се искористи за трасирање на патот кон трајно решение за најтрофејниот македонски фудбалски колектив.

„И со спонзор од Катар, но и без таков, ФК Вардар мора да биде водечки клуб на овие простори од аспект на квалитет и организираност. Под број еден клубот може и мора да биде профитабилен за што постои квалитетен проект, а што е докажано во пракса. Клубот мора да обезбеди сопствена инфраструктура, затоа што сега нема ништо. Тоа значи создавање на систем во кој на чело е професионалниот тим на клубот потоа една или две филијали или клубови со посебен договор за соработка. Тоа значи и сопствена академија. Тоа значи цврсти договори со повеќе фудбалски школи во државата, а во рамките на сето претходно спомнато и унифицирање на стручната работа во сите спомнати сегменти со воведување на модерна и софистицирана опрема за едукација. Тоа значи и организиран скаутинг со неколку домашни скаути и интернационален скаут. Секако дека во така организиран клуб посебно место заслужуваат транспарентност,отвореност и соработка со навивачите и медиумските куќи и понатамошна анимација и привлекување на млади фудбалери и навивачи, развој на мерчендајзингот итн. Овие модели се веќе познати во праксата, а првата нивна промоција и можност да ја проверам во пракса ја имав во Херенвен. Суштината и вештината на ефикасно функционирање на вакви системи е токму во спсобноста на планирање и координација на организацискиот, спортскиот, финансискиот, како и маркетиншкиот сегмент“.

Делува малку недостижно за наши услови. Со сериозен финансиер зад себе, колку години би биле неопходни ФК Вардар да дојде до овие цели?

„Со сериозен странски инвеститор, како најавениот од Катар, ваквата цел може да се постигне за две до три години. Со домашен пул на инвеститори, како мој предлог за решавање на иднината на клубот, вакви цели можат да бидат достигнати за пет до шест години“ – вели Драган Томовски.

Се вчитува...