Драма во Мадрид: Хезоња сака во НБА, Реал не му дозволува

Марио Хезоња сака да го напушти Реал Мадрид и да се врати во НБА, но неговото заминување не е толку едноставно. Реал Мадрид минува низ бурно лето, а најновиот проблем за клубот е ситуацијата со Марио Хезоња. Хрватскиот кошаркар сака да ја искористи можноста за заминување во НБА лигата, но неговиот план моментално е доведен во прашање поради административна грешка.

Како што пренесува шпанска „Марка“, Хезоња во последниот ден од рокот го известил Реал дека сака да ја активира излезната клаузула од договорот, вредна еден милион долари, и да се врати во најсилната лига во светот. Сепак, тој не доставил понуда од ниту еден НБА клуб, ниту пак навреме ја уплатил сумата што била предвидена како услов за раскинување на соработката.

Според правилата на АЦБ лигата, активирањето на излезната клаузула мора да биде проследено со истовремена уплата на договорениот износ, што во овој случај наводно не било направено. Поради тоа, заминувањето на Хезоња од Мадрид се најде во компликувана ситуација.

За да се најде решение, претставниците на хрватскиот кошаркар стапиле во контакт со Реал Мадрид и му понудиле на клубот повисока сума од првично дефинираната, со цел мадридскиот клуб да се согласи на раскинување на договорот.

Хезоња неодамна го смени својот агент, па во иднина неговите интереси ќе ги застапува Миодраг Ражнатовиќ. Хрватскиот кошаркар има излезна клаузула исклучиво за враќање во НБА.

Се вчитува...