Драма во Монако: Лион даде два гола со играч помалку и победи (видео)

Лион минатиот викенд со пресврт го загуби дербито на домашен терен против Лил, но избраниците на Руди Гарсија вечерва во ист стил стигнаа до три бода на гостувањето против Монако. Успехот е уште поголем ако се знае дека Лион последните дваесет минути ги одигра со фудбалер помалку на теренот, но успеа да постигне два гола и да стигне до победата.

Фоланд го доведе Монако во водство, „кнезовите“ заминаа на одмор со предност од 1-0, но во вториот дел работите во свои раце ги презеде Мемфис Депај. Холанѓанецот најпрвин стрелаше прецизно за 1-1, а потоа и во ситуација со играч помалку асистираше до Марсело за вториот гол на Лион.

Монако успеа да израмни од пенал преку Бен Једер по несмасниот старт на голманот Лопез во лицето на Пелегри, но тинејџерот Шерки беше херојот на Лион, постигнувајќи го голот за победа во 89. минута од ова драматично дерби.

Тензиите беа огромни, па по мечот дојде до конфликт меѓу играчите на двата тима, по што судијата Турпан покажа уште три црвени картони, за Пелегри и за Гебелс кај Монако и за Де Шилјо од редовите на Лион.

Со овој пораз Монако остана на 71 бод и ги загуби шансите за титулата, заостанувајќи пет бода зад лидерот Лил на три кола до крајот. Триумфот е важен за Лион бидејќи се приближи на само еден бод до Монако на третото место, кое води во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...